• недела, 12 мај 2024

Драмското студио „Словото“ од Велес ја изведе претставата „Писание”

Драмското студио „Словото“ од Велес ја изведе  претставата „Писание”

Велес, 3 март 2024 (МИА) - Детското драмско студио „Словото“ синоќа во Општина Велес премиерно ја  изведе претставата „Писание“ во режија на актерката Весна Димитрова-Бобевски, раководител и основач на ова велешко драмско студио за деца. 

Тема на претставата, во која учествуваа деца од пет до 15 години,  беше дали судбината ни е напишана од самото раѓање или сами си ја предизвикуваме и можеме ли да ја менуваме. Беа прикажани судбините на познати личности со прашање дали тие би биле поинакви под други околности, како на пример судбините на апостолот Павле, Филип и Александар Македонски, Коста Солев Рацин...

Претставата „Писание“ лани во октомври беше одиграна на Интернационалниот фестивал за експериментален театар во Сасари на Сардинија, каде што децата од дрмаското студио „Словото“ освоија две награди - дипломи. Со оваа претстава годинава се планирани гостувања во Бугарија и Русија.

Низ годините во драмското  студио  „Словото“  членувале многу деца од Велес, а некои од нив подоцна дипломирале за актери.  Раководителката и режисерка на претставата, Весна Димитрова-Бобевски, рече  дека повеќе од 30 години работи и ги образува децата и со драмското студио тие учествувале на фестивали во земјава и во странство.

Таа се заблагодари на некои свои поранешни ученици кои ги спонзорираат нејзините гостувања во странство. Се заблагодари и на Здружението на пензионери и на ООУ „Васил Главинов“ за отстапениот простор за пробите за нивните претстави. ад/хс/

Фото: МИА

 

Остани поврзан