• недела, 22 декември 2024

Еден битолски ден на Свалбард и Силфра атрактивни локации на планетата Земја

Еден битолски ден на Свалбард и Силфра атрактивни локации на планетата Земја

Битола, 11 мај 2024 (МИА) - Семејства или поединци често сонуваат за посета на атрактивни туристички локации на планетата Земја, а кога сонот се остварува, тогаш чувството не може да се опише. Такви се впечатоците на битолското семејство Игор, Весна и Филип Неделковски по престојот во Свалбард, последно населено место на северниот дел од планетата Земја, но и по престојот во Силфра, на Исланд, место каде се спојуваат две тектонски плочи од земјината топка, евро-азиската и северно-американската.

Свалбард е архипелаг што се простира од 75 до 82 степени северна географска ширина и е административен дел од Норвешка, додека во Силфра на Исланд, е светски познатиот процеп во кој со нуркање се гледаат две тектонски плочи, вели во приказната за МИА, битолчанецот Игор Неделковски.

-Од Битола пристигнавме во Лонгјирбуен (Longyearbyen) или скратено (Лонгјир-Longyear), главен град на Свалбард кој се наоѓа на 78 степени северна географска ширина. Името не е поврзано со долга година, туку по неговиот основач Американецот Џон Монро Лонгјир. Населбата е основана како рударска населба во 1906 година во која се наоѓаат рудници од кои се копа најквалитетниот јаглен на светот. Покрај рударството, денес главни економски активности се авантуристичкиот туризам, научните истражувања, дата центри и слично. Лонгјир е најсеверниот постојано населен град на земјата. За време на престојот не успеавме да сретнеме Македонеци иако на Свалбард/Лонгјир секој може да дојде да работи и живее. Не е потребна никаква процедура, само доказ дека имате најдено работа и обезбедено живеалиште. Според локалните жители ниските температури не се главен проблем за живеење, ниту тоа што 4 месеци не излегува сонце, туку најголем проблем е тоа што во лето, сонцето 4 месеци не заоѓа. На 8 март секоја година се празнува денот на сонцето, и жителите се надвор и ги очекуваат првите сончеви зраци, вели Неделковски, кој заедно со сопругата Весна и синот Филип, веројатно како први битолчани, кон крајот на 2023 година, престојуваа во најсеверното населено место на планетата Земја.

Нашите соговорници велат дека Свалбард е пример на единство на човекот и природата. Движењето со моторни возила (вклучувајќи моторни санки) е дозволено само во одреден мал дел на архипелагот, пред се заради вознемирувањето на животните од бучавата што ја прават. Во останатиот дел, особено во националните паркови, дозволено е движење со санки со кучиња или со скии за одење. Заради тоа, посочува Неделковски, санките со кучиња покрај што се одлична туристичка атракција, сеуште се користат од локалните жители за движење во природа.

-Луѓето и кучињата, претежно Хаски, живеат во хармонија. Кучињата не ги чуваат во своите домови затоа што чувањето на топло би ја уништило природната отпорност на студ на Хаските и би ја намалило нивната способност за влеча. Според тоа што ни го кажаа локалните жители, користењето за влеча не само што не ги повредува кучињата, туку ги прави посреќни. Навистина при нашето изнајмување на санка, кучињата кои ни беа дадени, изгледаа многу пријателски и среќни кога ги врзувавме на санките. А, потоа почна вистинското доживување... На -30 степени целсиусови, поминавме 145 km со snowmobile од Лонгјир до источниот брег на Свалбард. Бела убавина која не може да се опише со зборови. Источниот брег на Свалбард е глечерски, нема услови за постојан живот на луѓе, и претставува примарно живеалиште на белите мечки. Белите мечки се големи предатори и потребнa е голема внимателност при движењето. На Свалбард заради опасност од бели мечки забрането е движење надвор од Лонгјир доколку не сте наоружан со соодветно оружје. Затоа во дивина се движи само со водич (добро наоружан), а индивидуално е препорачливо само доколку имате претходно арктичко искуство, соодветна опрема и знаете да ракувате со оружје. На излезите од Лонгјир имаше соодветни предупредувања за оваа опасност. На Свалбард живеат повеќе од 3000 бели мечки, повеќе од колку што има жители. Интересно е што белите мечки 95 проценти од времето го поминуваат во мирување и за да ја зачуваат својата енергија лежат свиткани на мразот/снегот. Патувањето на источниот брег на Свалбард го завршивме во моментите кога сонцето почна да изгрева што дополнително ни донесе нестварна убавина, ни раскажа семејството Неделковски.

Свалбард, последното постојано населено место на северот од планетата Земја, го поврзуваат повеќе интересни факти. Свалбард нема државјани, сите што живеат таму го задржуваат државјанството на земјата од која доаѓаат, вклучувајќи ги и Норвежаните. На Свалбард не можете да се родите, но не можете ни да умрете, појаснува Неделковски.

-Невозможно е породување затоа што нема гинеколошка амбуланта, ниту бабица. Секоја бремена жена две недели пред породувањето ќе биде транспортирани во Норвешка. Но, на Свалбард не можете ниту да умрете. Доколку некој ненадејно почине, без разлика што целиот живот живеел на Свалбард, нема да биде погребани таму затоа што веќе 80 години се забранети погреби, бидејќи заради ладната клима и пермафрост или постојано замрзната почва, телата не се распаѓаат и стануваат лесен извор на зарази. На Свалбард скоро и да нема криминал. Има 12 полицајци, кои по кажувањето на локалните жители ништо не работат, бидејќи и нема што да работат. Иако оружјето слободно може да се купи и носи низ градот, нема никаков криминал. Кеш пари никаде не се примаат, само картички, а низ градот редовна глетка се оставените и не заклучени велосипеди, моторни санки и автомобили кои вообичаено не се заклучуваат заради опасноста од мрзнење на бравите. На Свалбард мора да ги соблечете чевлите на влезот во сите приватни и јавни објекти, вклучувајќи хотели, ресторани, музеи, болници... Ова е традиција од времето кога на Свалбард живееле само рудари и нивните обувки биле валкани од јагленот кој го копале, ни раскажа Неделковски.

Но на Свалбард се наоѓаат и Светската банка на семиња, Арктичката светска архива, а има и Универзитетски центар за едукација.

-На Свалбард се наоѓа Светската банка на семиња Global Seed Vault https://www.seedvault.no/. Во подземјето на еден од околните ридови се чуваат примероци од повеќе од 1,2 милиони врсти на семиња од цел свет. Во случај на било какава катастрофа на земјата или дел од неа, семињата кои се чуваат тука, пред се заради природно ниските температури на кои се чуваат, тие би останале активни и до 100 години и уништените растенија повторно би можеле да бидат засеани. Не успеав да најдам дали има депонирани семиња од автохтони македонски растенија. На Свалбард во напуштениот Рудник бр. 3 се наоѓа Арктичката Светска Архива Arctic Word Archive https://arcticworldarchive.org/ каде се чуваат бекап копии на микрофилм од некои најпознатите светски архиви и портали. На пример Ватиканската архива, GitHub и слично и на Свалбард има и Универзитетски центар https://www.unis.no/. Но таму не можете да добиете диплома, туку само да поминете еден семестар и да слушате предавања или предавате или истражувате на дисциплини поврзани со Арктикот. Студенти и професори од цел свет, од водечките универзитети на кои се изучуваат дисциплини поврзани со Арктикот, секоја година аплицираат да поминат еден семестар на УНИС и да истражуваат или едуцираат. Заради постоењето на дата центри, мерни станици, метеоролошки станици, истражувачки станици и слично, Свалбард ги има најбрзите интернет врски на светот, појасни Неделковски.

Желбата за посета на атрактивни туристички атракции, семејството Неделковски, на почетокот од оваа 2024 година, го одведе и на Исланд каде се спојуваат две тектонски плочи од земјината топка, евро-азиската и северно-американската. Тие плочи не се целосно споени туку има процеп кој секоја година се шири за околу 2 сантиметри. Тој процеп во местото Силфра, дел од националниот парк Тингвелир, е исполнет со вода.

-Водата доаѓа од топењето на вториот по големина глечер на Исланд Лангјекидл кој е оддалечен околу 50 км од Силфра. Водата од глечерот која се топи и понира во земјата, оддалеченоста од 50 километри „ја поминува“ за период од помеѓу 30 и 100 години низ порозна вулканска лава и потоа тотално филтрирана од долгото „патување“ низ подземната лава извира во Силфра и го полни со вода процепот меѓу двете тектонски плочи на ова место. Водата е идеално чиста и може да се пие, ние со сопругата Весна ја пиевме бидејќи е многу е убава и вкусна. Нуркањето на ова место според некои анкети е класифицирано помеѓу 5-те најдобри авантуристички атракции во светот, истакна Неделковски.

Без претензии да биде првиот битолчанец и секако Македонец што нуркал во процепот кај Силфра, во сторијата за МИА, битолчанецот Игор Неделковски го појасни начинот на подготовка за нуркање во тој дел на светот.

-Се нурка со посебна „сува облека - dry suits". Претходно облеков волнени base layer хеланки и маица, врз кој се облекува т.н. нуркачка пижама фланелен комбинезон и на крај нуркачкото суво одело или облека. Кога ќе влезете во водата под притисокот од водата, воздухот од облеката се исфрла преку посебен вентил и таа целосно се лепи на телото. Идеалното т.н. лепење на облеката е многу битно за да може безбедно да се реализира нуркањето. Во вода со температура 2 степени без вакви одела по 15-30 минути настапува вкочанетост на телото и/или бесознание, а по 60 до 90 минути сигурна смрт. Затоа подготовките пред нуркањето, облекувањето и проверката на опремата ни траеше околу еден час, а самото нуркање низ Силфра процепот околу половина час. Погледот и доживувањето во текот на нуркањето тешко може да се опишат со зборови. Посебно е интересно што во тесниот процеп истовремено можев да ги допрам плочите врз кои лежат двата континенти Европа и Северна Америка, или како што рекоа нашите домаќини, истовремено да се наоѓате во Европа и Америка. За мене ова беше и предпоследна шанса бидејќи нуркањето во Силфра е дозволено со максимум наполнети 59 години. Потоа за да ви дозволат да нуркате во Силфра потребно е да одите на преглед и добиете потврда од доктор, а доколку имате повеќе од 69 години забрането е да нуркате во Силфра без разлика на вашата подготвеност. Исто така не смеете да бидете повисок од 2 метра, ниту потежок од 120 килограми, раскажа за МИА Игор Неделковски.

Непознато која е следната туристичка атракција и предизвик за семејството Неделковски, но повеќе од јасно дека и таа ќе биде поврзана со еден нов битолски ден на планетата Земја.

Марјан Танушевски

Фото: Приватна архива Неделковски

Остани поврзан