• понеделник, 23 декември 2024

Десет стартапи поддржани од Акцелераторот на УКИМ ги презентираа своите бизнис решенија пред вицепремиерот Битиќи

Десет стартапи поддржани од Акцелераторот на УКИМ ги презентираа своите бизнис решенија пред вицепремиерот Битиќи

Скопје, 27 март 2023 (МИА) – Стартапите се моторите на новото време и претходници на новата ера на индустријализација која не е базирана на традиционалната индустријализација, туку е базирана на вештачка интелигенција. Државата е тука да понуди можност, а наше е да ја искористиме, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

-Ќе ја поддржиме како Влада секоја иницијатива која доаѓа од стартап заедницата за дома да ги наоѓаат решенијата. Нивните бизнис решенија не само што ќе најдат примена во приватниот сектор, туку ќе зборуваме и како евентуално може нивните решенија да се вградат во секојдневното живеење за решавање на општествените проблеми, а зошто не и на проблемите со кои се соочуваме во јавниот сектор, изјави Битиќи пред почетокот на настанот на кој 10 стартапи поддржани од Акцелераторот УКИМ му ги претставија своите бизнис решенија.

Порача дека Бизнис акцелераторот на УКИМ е поддржан од Владата пред три години во моментот кога никој не верувала дека може да постои таков акцелератор во државата.  Ако пред 30 години бил отворен таков акцелератор, како што рече, денеска немаше да зборуваме за одење на младите во странство, туку тие ќе си ја најдеа својата можност тука.

-Владата константно работи на подобрување на стартап еко-системот затоа што тоа е единствениот одржлив пат на нашата економија. Го поддржуваме стартап еко-системот преку различни програми што се во Фондот за иновации и технолошки развој, но и преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, рече Битиќи.

Нагласи дека на еден ваков настан пред три години на кој ја слушал стартап-заедницата за нивните иновативни решенија произлегло едно од, како што рече, најиновативните решенија во јавниот сектор – Прв дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција за поддршка на инвестиции наречен АДА што наскоро ќе биде промовиран.

-Сметам дека овие млади луѓе нема да заминат од државата, туку дека ќе понудат решенија на другите да веруваат дека тука има иднина. Нив сите треба да ги земат за пример, бидејќи сите имаат решенија не за надвор, туку за дома. Нив никој не ги плаќа и сами ја креираат својата плата и своето работно место, истакна Битиќи и додаде дека за жал некои работи кај нас се случуваат доцна.

Александар Стамболиев, содружник и управител на Акцелераторот УКИМ посочи дека секој што носи одлука да креира свое решение – стартап е убеден дека може да ја искористи за да може да го креира решението.

-Нашите стартапи обезбедуваат комплементарни тимови, ги презентираат своите бизнис идеи пред акцелератори, инвеститори и Фонд за иновации и технолошки развој и на тој начин ги обезбедуваа своите финансирања. Средствата што се мобилизираат од домашни и од странски извори се користат за развој на стартапот, рече Стамболиев.

Нагласи дека секој стартапчија има визија дека целото свое слободно време го вложува со комплементарните содружници очекувајќи дека во догледна иднина  неколку кратно повеќе ќе може да ја продаде својата компанија.  

-Мотивот е да создадат решение кое е наменето за конкретен проблем, да стекнат доверба од инвеститорите и да го освојат светот. Никој од одвие присутни статртапчии овде не сонува да има еднократно месечна плата од 5.000 евра, туку да обезбеди дополнителна инвестиција од неколку милиони евра  за да може на крај својата компанија да ја продаде многукратно повеќе, истакна Стамоблиев.

Во 10. стартап компании, додаде, изминативе четири години инвестиравме нешто над половина милион евра.  

-Акцелераторот УКИМ е исклучителен случај во кој принципот на вклученост на државата, Академијата претставена преку УКИМ и приватниот сектор преку содружници работат рамо до рамо за да обезбедат инвестиции и развој на нови технологии, посочи Стамболиев.

Од годинава Акцелераторот, како што кажа, е и Секретаријат на Европскиот институт за иновации и технологија. Тоа им овозможува на сите компании, институции и стартапи да пристапат до изворите на финансирање што ги има оваа институција.

Пратеничката Моника Зајкова порача дека општеството ќе ни изгледаше многу подобро доколку секој ден се дебатираше за идеите и решенијата кои доаѓаат од стартапите, а не за популизам.

-Тука сме да дискутираме околу овозможувањето на ресурси, но и правна сигурност и законски можности кои ќе значат одржливост на стартапите и развој на претприемништвото кое може да придонесе за отворање на нови работни места, развој на економијата и создавање на повеќе можности за сите луѓе. Затоа е многу важно да ги поддржуваме идеите на младите луѓе кои развиваат свои бизнис идеи со цел да создадеме поголема финансиска стабилност, економски развој, но и професионален раст на младите, рече Зајкова.

Нагласи дека токму поддршката на стартапите е една од стратешките цели на Националната стратегија за млади за која неодамна расправаше Собранието.вј/лв/

Фото: Принтскрин   

 

Остани поврзан