• среда, 08 мај 2024

Десетта јубилејна изложба од проектот „Поврзување“ на КИЦ на Северна Македонија во Софија

Десетта јубилејна изложба од проектот „Поврзување“ на КИЦ на Северна Македонија во Софија

Скопје, 11 јули 2023 (МИА) - Групната ликовна изложба „Средба од десетти вид“ вечер, во 18:30 часот, ќе биде отворена во галеријата „Академија“ на Националната академија за ликовни уметности во Софија. Изложбата е резултат од соработка меѓу Културно-информативниот центар на Северна Македонија и Националната академија за ликовни уметности. Таа дел е од проектот „Поврзување“, кој оваа година ја одбележува својата 10-годишнина.

Како што соопшти КИЦ на Северна Македонија во Софија, со настанот започнува и одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Бугарија.

Учествуваат авторите: Гордана Вренцоска, Дејан Иванов – Маргуш, Јана Манева-Чупоска, Беди Ибрахим, Маријана Иванова, Перица Георгиев – Пепси, Павел Целкоски, Марјан Ѕингаров, Иво Пецов, Ненад Микиќ, Зоран Мише, Момчил Мирчев, Свилен Стефанов, Росен Тошев, Рикардо Кварежма Виејра, Валтер Праташ и Золтан Ференц.

Изложбата е составена од над 50 дела од областа на цртежот, графиката, сликарството, скулптурата, фотографијата, дигиталната графика и видеоарт.

За љубителите на ликовната уметност изложбата ќе биде отворена до 30 јули 2023 година.

Почетокот на проектот „Поврзување“ на КИЦ на Република Северна Македонија е поставен во 2012 година и прескокнувајќи ја единствено 2013 година продуцира ликовни изложби до денес, а со тек на времето списокот на автори се зголемува и збогатува.

Кон базичната група „Конекција“, составена од уметници од Северна Македонија кои живеат и работат во Бугарија, постепено се вклучуваат и македонски уметници кои имаат активна уметничка дејност во Северна Македонија, како и бугарски уметници кои имаат изјавен творечки пат.

Оваа година кон изложбата се вклучени и дела од романски и португалски уметници. мд/дма/

Фото: КИЦ на Република Северна Македонија во Софија

 

Остани поврзан