• вторник, 24 декември 2024

Дебата на НКЕУ-МК: Фундаментални права - слободата на изразување наспроти клеветата, навредата и говорот на омраза

Дебата на НКЕУ-МК: Фундаментални права - слободата на изразување наспроти клеветата, навредата и говорот на омраза
Скопје, 16 март 2021 (МИА) - Иако слободата на говорот е фундаментално човеково право и е темел на либералната демократија, се поставува прашањето кои се границите на слободата на изразување, после кои се навлегува во сфери кои се исто така заштитени и чија повреда може да претставува основа за граѓанска па дури и казнена одговорност. Дали социјалните медиуми влегуваат во замка на големи организирани играчи кои провоцираат несигурност, поделби, говор на омраза. Дали земјава добро се справува со превенирање на вакви форми на изразување. Ова беа дел од прашањата на кои се дебатираше на Втората сесија од вториот циклус на Работната група – 3, Поглавје 23 (Правосудство и основни права) на тема „Фундаментални права: Слободата на изразување наспроти клеветата, навредата и говорот на омраза“, на Националната конвенција за Европската унија во Северна Македонија (НКЕУ-МК). Учесниците во дебатата посочија дека фундаменталните права кои претставуваа клучен сегмент од Поглавјето 23 добиваат уште поголемо значење во новата методологија на преговори и оти станува збор за широка област на права и слободи што треба да бидат имплементирани во секојдневните практики на граѓаните, при што се наметнува нивната афирмација, нивното вткајување во националната легислатива и градење на механизми за нивно оживотворување. Милева Ѓуровска, национален координатор на НКЕУ-МК и претседател на Европското движење истакна дека основната улога на човековите права е да се ограничи која било моќ, особено моќта на државата да не се дојде до состојба на неограничена и произволна моќ што ќе ги прилагодува законите. -Фундаменталните права и нивното оживотворување се особено значајни во општества на поединци и групи кои припаѓаат на различни култури и традиции каде треба да се прифати и социјализира различноста, но единствено преку сознанието дека човечката природа е универзална и оти сите се еднакви пред законите, посочи Ѓуровска. Драган Тилев државен советник во Секретаријатот за европски прашања, осврнувајќи се на новата преговарачка методологија, истакна дека овој кластер Темели, којшто прв се отвора и последен се затвора, го диктира темпото на преговорите и може да го врат и процесот назад доколку не се движиме во вистинска насока. -Ќе бидеме постојано под мониторинг и сето она што ќе го направиме успешно ќе биде наградено. Подготвени сме за почеток на пристапните преговори многу поодамна, независно од почетокот на новата методологија, имаме искуства, знаења, експертиза, рече Тилев. Во однос на слободата на изразување, како дел од фундаменталните права, посочи дека денес светот се фокусира на социјални и медиуми како нова форма на наратор на вести преку кои, како што рече, кои секавично се пренесуваат вести, слики, видеа, без речиси какви било бариери многу често од непрофесионалци кои неретко не внимаваат на начинот на изразување, не ја познаваат темата на она што го говорат, свесно или несвесно користат речник кој може да навреди и да предизвика турбуленции и на лична и на колективна основа. -Но притоа го користат и своето загарантирано право за слобода на говор во нерегулиран или слабо регулиран простор. Социјалните медиуми лесно можат да станат плен на големи организирани играчи. Неретко со добри намери кои ги користат социјалните мрежи, провоцираат несигурност, поделби, омраза за да создаваат услови за пласирање свои вистини или невистини. Според него, во услови на ваква масовност, да се заузда говорот на омраза, навредите, клеветите, и притоа да кренете правни и институционално оправдани бариери против „непријателите“ на демократијата, е како да пукате во подвижна мета. Вели оти тоа не е невозможно, но е тешко. Амбасадорот Мухамед Халили, потпретседател на Европското движење, рече дека слободата на изразување, наспроти клеветата, говорот на омраза е многу актуелна тема и во земјава и наведе факт дека во земјава во моментов има околу над дваесет тужби за клевета и меѓу високи функционери на власта. Никола Тупанчевски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, рече дека Поглавјето 23 е од огромна важност за Северна Македонија, а овие три компоненти од фундаменталните права – слободата на изразување, клеветата и говорот на омраза, од кои првата е базичниот момент додека вторите две компоненти би претставувале абразивниот однос кон слободата на изразување, односно кршење на слободата на изразување. -Ние од Правниот факултет од една страна секогаш сме за афирмација на фундаменталните права како што е слободата на изразување, која е регламентирана во членот 10 од Европската конвеција за човекови права, тука е и Уставот на РМ членот 8, 16 и членот 110, и тоа е рамката во која генерално се артикулира слободата на изразување во Северна Македонија, рече Тупанчевски. Потсети дека клеветата и навредата од 2012 година наваму во земјава се уредени со посебен закон - Закон за граѓанска одговорност за клевета и за навреда, кои до 2012 биле интегрален дел од Кривичниот законик. -Честа и угледот претставуваат сериозна правна вредност. Покрај достоинството, моралот, кривичните дела против животот итн. Значи честа и угледот имаат сериозно значење и претставуваат критериум за демократскиот капацитет, и нивната заштита претставува приоритет за демократскиот капацитет на секоја држава. Македонија тргна по едно автохтоно решение за посебен закон за уредување на клевета и навреда како дел од граѓанската материја и веќе деветта година како што се применува законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда. Запраша дали досега добро се сме се справиле со превенирање на вакви состојби на изразување и дали ваквиот пристап е соодветното решение во уредување на оваа проблематика. Потсети и дека Словенија и Хрватска, кои се дел од ЕУ, клеветата и навредата ја уредуваат во рамки на нивниот Кривичен законик. Калман Петош претседател на Хелсиншкиот комитет на Словачка и член на владиниот Совет за човекови права, рече дека слободата на изразување е една од најважните човекови права. -Слободата на изразување е многу важна затоа што таа директно е поврзана со сите три фундаментални блокови на либералната демократија. Многу тесно е поврзана со системот на репрезентативно владеење, нејзината работа е многу тесно поврзана со принципите на слободата и со сите други човекови права, рече Петош. Според него, ако говориме за слобода на изразување како политичко граѓанско право, тогаш може да се утврди дека слободата на говорот е суштинско право да се репрезентира политичкиот плурализам и слободата на конкуренција на политички и какви било други идеи што се движечка сила на демократските општества. нд/ац/              

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан