• среда, 06 ноември 2024

Дебата на НКЕУ-МК: Состојбата со корупцијата се уште сериозна, неказнивоста ја намалува довербата на граѓаните во институциите

Дебата на НКЕУ-МК: Состојбата со корупцијата се уште сериозна, неказнивоста ја намалува довербата на граѓаните во институциите
Скопје, 6 јули 2021 (МИА) - Професионализацијата и интегритетот на државната администрација е од суштинско значење за спречување на појавите на корупција. Со самото членство во ЕУ корупцијата нема стопроцентно да се искорени, но затоа е важно јакнење на јавната свест дека со оваа појава е невозможно да се егзистира во едно општество. Непочитувањето на правилата на игра, односно кога не важат исто за сите, како и неказнивоста, ја намалуваат довербата на граѓаните во институциите и тие се чувствуваат обесправени. Високи ризици од појава на корупција се уште претставуваат политичкото влијание, (не)владеењето на правото, присуство на неказнивост, отсуство на интегритет, како личен, така и институционален, недоволната транспарентност, но и недоследности и недоречености во законската регулатива. Ова се дел од заклучоците на деветтата сесија на тема „Што стои на патот во спроведувањето на антикорупциското законодавство?“ во рамки на Работната група 4 – Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24). на Националната конвенција за ЕУ во С Македонија, во организација на Европското движење. Директорот на Словачката асоцијација за надворешна политика (СФПА) Томаш Стражај истакна дека пристапувањето во ЕУ не е универзален лек за сите проблеми. Тој истакна дека борбата против корупцијата е особено важна област и за Словачка, која иако одбележува 17 години од членството во ЕУ, корупцијата во државата е се уште на високо ниво. -Процесот на борба против корупцијата не е само важен за претпристапната фаза, туку е важен и за постпристапната фаза и тоа покажува колку е важен проектот на Националната конвенција затоа што на некој начин ова не смее да заврши со пристапувањето на С Македонија во ЕУ, туку ќе продолжи многу години понатаму затоа што проблемите од овој вид се уште ќе бидат актуелни, оцени Стражај. Словачката експертка Зузана Петкова, директорка на непрофитната организација „Стоп Корупција“, Братислава, истакна дека оваа организација е една од најмоќните во борбата против корупцијата во Словачка. Посочи дека „свиркачите“ играат многу важна улога во борбата против корупцијата. -Ние соработуваме со Владата во подготовка на законски решенија, ги заштитуваме „свиркачите“, даваме психолошка, финансиска и правна помош на истите, што е многу важна алатка во борбата против корупцијата. Нивната задача не е лесна и затоа ние сакаме подобро да работиме на нивна заштита. Ниту еден од „свиркачите“ не смее да биде исфрлен од работа, и исто така имаме финансиска награда за укажување на коруптивни зделки, подвлече Петкова. Таа истакна дека Словачка според Индексот на транспарентност е една од најлошо рангираните земји, и се наоѓа на 49 место. -Ги контролираме јавните набавки, го поддржуваме истражувачкото новинарство кое истражува случаи на висока корупција, работиме на подигнување на јавната свест преку неформална едукација и кампањи. Околу 80 волонтери од нашата организација работат во земјата на подигнување на јавната свест за борба против корупцијата, додаде словачката експертка. Билјана Ивановска, претседателка на Државна комисија за спречување на корупција подвлече дека на прашањето што стои на патот за спроведување на антикорупциското законодавство, најсоодветен одговор е отсуство на лична свест, алчност, одговорност. -За жал во нашето општество се повеќе се присутни суета, желба за моќ, алчност, но и страв, гнев и љубомора. Овие нешта вршат личен, општествен, образовен, идеолошки, здравствен, и секаков тип терор и репресија не оставајќи многу простор на достоинството, почитувањето на себе и другите, на чесноста, одговорноста, оцени таа, додавајќи дека личната свест и одговорноста за индикатори за зрелоста на едно општество. Таа оцени дека непочитувањето на правилата на игра, односно кога не важат исто за сите, ја намалува довербата на граѓаните во институциите и тие се чувствуваат обесправени и несреќни. -ДКСК постојано укажува дека состојбата со корупцијата е многу сериозна, а од работењето по предметите и пријавите во текот на 2020 година, констатиравме дека и понатаму постојат ризиците од корупција нотирани од наша страна во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, но и на кои укажуваат и извештаите од меѓународните институции. А тоа се политичкото влијание, (не)владеењето на правото и присуство на неказнивост. Отсуство на интегритет, како личен, така и институционален, недоволната транспарентност, но и недоследности и недоречености во законската регулатива, рече таа. Со анализа на пријавите, продолжи Ивановска, се потврди фактот дека правосудните органи, извршната власт, институциите што одлучуваат во сферата на урбанизмот и општините се сектори кои се перцепирани со највисок ризик од корупција, злоупотреба на службена должност и можности за судир на интереси. -Најмногу се пријавуваат појави за незаконско постапување, за злоупотреба на службена должност при вработувањата, издавањето разни дозволи, најмногу за градење...За раководни лица пресуден фактор за избор на кандидати е токму интервјуто, наместо успехот и освоените бодови, а ниту со закон ниту со подзаконски акти е регулиран начинот на водење на интервјуто преку структурирани прашања и негова евалуација, рече таа. Според неа, оставањето простор на професионализмот, со вистинските луѓе на вистинските места, е основен услов ако сакаме да се разрешиме од корупцијата, бидејќи само така можеме да веруваме дека ќе работат луѓе со интегритет, професионално и ќе работат надвор од политичкото влијание. Нагласи оти е потребна политичка волја за политиката да ги тргне пипците од професионализмот, доколку сакаме успех. Државниот секретар во МВР Магдалена Несторовска, истакна дека корупцијата е присутна во сите сегменти на општественото живеење и оттука неминовно е присутна и во редовите на полицијата. -Под корупција во полицијата се подразбира секое прекршување на постапките и процедурите, злоупотреба на службената должност или пречекорување на полициските овластувања за директно и индиректно понудена или очекувана корист за себе или за некој друг, рече Несторовска. Таа наведе дека најчести фактори што придонесуваат за појава на корупција во полицата се непрофесионализмот и лошата организација, вработување нестручен кадар, занемарување на критериумите при избор и обука на вработените во полицата. -Борбата против корупцијата е утврдена како прв стратешки приоритет во стратешкиот план на МВР 2021-2025 и во таа насока МВР секоја година настојува да воспостави систем на мерки што ќе овозможат справување со корупцијата и идентификување на причините, условите и факторите што ја овозможуваат, рече Несторовска. Андреј Лепавцев, дипломат и член на Европското движење нагласи дека корупцијата е клучен проблем за решавање во регионот на Западен Балкан, корупцијата ги ослабува институциите, а токму силни институции се клучни за таа боба против корупцијата. -Корупцијата е сериозен проблем и за безбедноста на државите, бидејќи трети страни со коруптивни шеми можат да ја поткопаат таа сигурност, така што извршната наредба на администрацијата на САД од Законот Магнитски ги предупредува коруптивните лидери дека мора да се промени целокупниот дискурс во регионот, што ќе овозможи вистинска борба против корупцијата на сите нивоа. Со членството во ЕУ корупцијата нема стопроцентно да се искорени, но сепак времето доаѓа и самите луѓе сфаќаат дека ваков начин битисување во едно општество е повеќе е невозможен, оцени Лепавцев. Трпе Стојановски, професор, Факултет за безбедност, УКЛО Битола рече дека прашањето на превенцијата и борбата против криминалитетот е поставено на ниво на приоритет на секоја влада, но од друга страна ако ги гледаме индикаторите што покажуваат каква е корупцијата во земјава и во регионот, ќе видиме дека тие се меѓу најниските. Според него, не секогаш статистиката е реален одраз на состојбите во земјава, меѓутоа, таа и не може да се игнорира во целост. -Во изминатите две до три децении земјава беше на фронтот на промените што се случуваа, меѓутоа тие промени не секогаш беа во вистинска насока и обично многу често од носителите на власт ќе слушнеме дека се прават реформи, клучни и сериозни, но за жал некој од оние повратни процеси се етикетираат како реформи што не води во ситуација во која што сме сега - дека имаме сериозен проблем со корупцијата, рече тој. На ова, како што оцени Стојановски, влијаеа и пет до шест сериозни амнестии што се случуваа и што го поткопуваа владеењето на правото. -Ако ги погледнеме извештаите на ЕК тогаш еден од приоритетите е дека државите во регионот мора да посветат суштинско внимание на владеењето на правото, но од друга страна како се разделува правдата кај нас исто така сведоци сме дека многу тешко се доаѓа до правични решенија, истакна тој. Од Бернер Малме, виш полициски офицер од Норвешки центар за интегритет во одбраната и безбедноста, СЕЦ, истакна дека е важна довербата на јавноста во полицијата, односно работата на полициските сили зависи од силната доверба на поширокото граѓанство. -Градењето интегритет, одговорност и отчетност треба да биде карактеристика на секој полициски службеник и потребна е транспарентност и соработка со граѓанското општество за да се постигне професионализам, нагласи Малме. Дејан Андонов, дополнителен заменик на министерот на оддел за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди истакна дека една од најбитните алатки во борбата против корупцијата во МВР е градење полициски интегритет. -Полицискиот интегритет е основа за создавање и меѓусебно почитување и доверба меѓу граѓаните и полицијата и има улога во ефективната борба против криминалот и корупцијата. Одделот за внатрешна контрола посветува внимание и унапредување во градење на интегритетот на работниците во МВР и активно е посветен на детектирање и санкционирање на сите облици на непрофесионало постапување, како еден од најчестите форми на недостиг на полициски интегритет, рече Андонов. Александар Нацев, декан на факултет за детективи и криминалистика – „Европски Универзитет“ – Скопје, оцени дека државниот апарат не е доволно професионализиран. - Поради тоа се поставува прашањето за професионализацијата и интегритетот на нашите државни службеници, на функционерите и раководните лица, што не води до заклучок дека високата корупција не е доволно таргетирана, не им се обрнува доволно внимание на случаите на висока корупција, а гледаме дека има и малку судски разрешници што се однесуваат на висока корупција, оцени Нацев. Тој заклучи дека мора да се постигне одредено ниво на професионализација на државната управа и оти тоа е еден од предусловите за квалитетна и ефикасна државна администрација, функционери со интегритет кои нема да бидат подложни на корупција и кои ќе успеат да препознаат каде има елементи на корупција. Никола Дујовски, декан на факултет за безбедност – Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола, истакна дека важно е да постои политичка, но и оперативна волја за спроведување на антикорупциските политики. -Во академската заедница, овде и во Европа се зборува за генерален пристап за борба против корупцијата, каде што полицијата има суштинска предност, затоа што во неколку европски земји се овозможува заеднички пристап кај повеќе институции кои имаат улога во борба против корупцијата, рече тој. Националната координаторка на НКЕУ-МК и професорка на Филозофскиот факултет при УКИМ, Милева Ѓуровска во своето поздравно обраќање истакна дека проблемот со корупцијата претставува сериозна препрека во воспоставувањето на правниот поредок и правната држава. -Треба да имаме состојба во општеството каде што законите треба да важат за сите подеднакво. Првиот чекор во борбата против корупцијата е кога таа ќе се препознае како вистински загрозувачки проблем, потоа кога отворено се зборува за нејзините појави и кога ќе се поддржат мерките за борба против корупцијата, рече Ѓуровска. Таа дополни дека корупцијата ја зголемува стапката на задолженост на државата, и оти е многу погубно кај една економија кога се намалуваат даночните приходи во комбинација со злоупотреба на јавните ресурси, состојба, како што рече, која може да ја препознаеме во државава. -Националната конвенција, како заедничка институција на претставниците на институциите и граѓанските здруженија, академската средина, креираше аналитички пристап кон овој проблем и понуди поголема листа на препораки која ќе се користи во борбата против корупцијата, рече таа. Учесниците на сесијата усвоија и препораки меѓу кои и дефинирање и прецизирање критериуми за избор на високи функции, зајакнување на легислативата со одредби да не можат лица кои биле осудени за финансиски или за криминал со елементи на насилство да не можат да бидат избирани или назначувани на јавни функции, да се пристапи кон заедничка обука на кадри за справување со корупција во сите релевантни институции. Натаму, подигање на свеста кај вработените во државните институции за борба против корупцијата со воспоставување на механизми во рамки на институциите како по примерите на други држави, како и продолжување на поддршката на истражувачкото новинарство како значаен чинител во обезбедување на поголемо ниво на транспарентност и вклучување и вклучување на јавноста во информирањето и борбата против корупцијата. нд/дма/

Остани поврзан