• недела, 22 декември 2024

Конференција по повод 75 години НАТО – активности на обвинителството во борбата против сајбер криминалот

Конференција по повод 75 години НАТО – активности на обвинителството во борбата против сајбер криминалот

Скопје, 5 ноември 2024 

Капацитетите на јавните обвинителства во справувањето со најчестите кривични дела кои потпаѓаат под таканаречениот сајбер-криминал ги презентираше основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје Гаврил Бубевски на денешната конференција “НАТО – 75 години единство, соработка и колективна одбрана: Безбедносни предизвици за Европа”, што во организација на Фондацијата Конрад Аденауер се одржа денеска во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Во рамките на панелот “Улогата на НАТО во унапредување на националната отпорност против сајбер закани и дезинформации”, Бубевски дискутираше особено за можностите на истражниот центар на ОЈО Скопје за обезбедување докази за кривични дела од компјутерски криминал.

“Истражниот центар на ОЈО Скопје воспостави електронски канал за комуникација систем за комуникација со меѓународните интернет сервис провајдери, како што се Мета платформите (Фејсбук, Инстаграм, ВатсАпп), Гугл, Вајбер и другите од кои има потреба. Најмногу барања се поднесуваат до платформите на Мета, бидејќи 90% од нашето население ги користи тие социјални мрежи и апликации за комуникација”, појасни обвинителот Бубевски.

Притоа, може да се достават три вида барања: барање за зачувување на податоци, барање за прибавување податоци и итно барање (во случаи на најтешки форми на кривични дела).

Од операторите се прибавуваат три вида податоци: податоци за корисник, податоци за сообраќаји податоци за содржина, текст и видео.

“Првите два вида податоци се добиваат по барање на обвинител или судија, додека за пристап до содржина неопходно е барање за меѓународна правна помош”, додаде Бубевски.

Како член на работната група за подготовка на новиот Кривичен законик, тој нагласи дека во предлог-законските решенија се содржани и нови одредби кои дополнително треба да ја зајакнат сајбер безбедноста, целосно усогласени со европските и меѓународните стандарди во оваа област.

Јавно обвинителство на Северна Македонија 

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Јавно обвинителство на Северна Македонија 

 

 

Остани поврзан