• петок, 22 ноември 2024

Дамева: Не треба да има колективна, туку индивидуална одговорност

Дамева: Не треба да има колективна, туку индивидуална одговорност

Скопје, 3 јули 2024 (МИА) – Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, денеска во врска со најавите за распуштање на Советот и реформи во делот на изборот на неговите членови, рече дека не ја поддржува тезата на колективна одговорност. На денешната Конференција за напредокот при спроведувањето на препораките од Оценската мисија на ЕУ од страна на Судскиот совет, Дамева посочи дека одговорноста треба да биде детектирана и санкционирана индивидуално. 

– Како правник пред сѐ, не ја поддржувам тезата на колективна одговорност, сепак мојот личен став е дека треба да има индивидуална одговорност и таа да биде точно детектирана и санкционирана. Секоја одговорност има име и презиме, нека се детектира и секој нека си сноси индивидуална санкција, ако нешто сторил противзаконски, го нарушил угледот и интегритетот на Судскиот совет, донел одлука под влијание на разни емоции и слично, рече Дамева.

Укажа на некои последици доколку биде донесен нов Закон за Судски совет. Таа вели во периодот од распуштање до конституирање на нов Судски совет ќе настане еден вакуум период, во кој постои опасност да застарат некои дела.

– Ако се оди на принципот на распуштање на Судскиот совет, јас се надевам дека пред сѐ ќе се почитува Уставот, а тој е јасен. Ако се размислува со промена на овој закон за Судски совет или донесување на нов Закон на Судски совет, немам сомнеж дека ќе биде во согласност со Уставот, но сакам да укажам дека ќе има одредени последици. Во период од распуштање на Судски совет до конституирање на нов Судски совет ќе настане еден вакуум период, кој иако би бил краток од неколку месеци, сепак постои опасност да застарат одредени постапки, иницирани од граѓани за несовесно постапување на одредени судии, рече Дамева.

Доколку тие постапки запрат, Дамева вели би настанало слична ситуација како со измените на Кривичниот законик каде голем број на обвинети беа амнестирани.

– На граѓаните не им е важно кои се членовите на Судскиот совет, не им е важно кој е претседател на Судски совет, не е важно што дискутираат на седници. На граѓаните им е важно Судскиот совет да постапува во рамки на неговата надлежност и кој судија останува во судницата. Ако тие постапки се запрат и на некој начин се амнестираат оние нестручни и несовесни судии, за кои што не можам да преjудицирам дали во текот на овие постапки исходот ќе биде на сите одговорност, во тој случај правдата нема да биде на страна на граѓаните. Тоа би било слична ситуација кога беа донесени измените на Кривичниот законик, каде огромен број на обвинети беа амнестирани. Не би сакала тоа да се случи и должна сум да укажам дека при донесување на нов закон треба да се внимава на последиците, рече Дамева.

Истакна дека Советот веќе има отпочнато со реформскиот процес во насока на имплементација на препораките од Оценската мисија на ЕУ и е решен да успее во процесите кои што се во негова надлежност. Судскиот совет и самиот веќе има отпочнато да се реформира, додава Дамева, посочувајќи дека од минатиот месец тој има двајца нови членови, додека до крајот на годината Советот ќе има уште тројца нови членови.

– Судскиот совет веќе отпочна сериозно со реформскиот процес во насока на имплементација на препораките на Извештајот на Оценската мисија на Европската унија и решени сме цврсто да успееме во оние процеси коишто се во наша надлежност да ги имплементираме час поскоро. Судскиот совет персонално отпочна да се реформира, бидејќи од минатиот месец Судскиот совет има двајца нови членови, во септември има промена на уште еден член и до крајот на годината уште два члена, што значи до крајот на годината речиси помалку од половина ќе биде променет составот на Судскиот совет, рече Дамева.

Во врска со најавеното распуштање на Судскиот совет, Дамева нагласи дека не треба да има колективна, туку индивидуална одговорност која точно ќе биде детектирана и санкционирана. ра/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан