• понеделник, 13 мај 2024

Г7 бара Кина да изврши притисок врз Русија да ја запре војната во Украина

Г7 бара Кина да изврши притисок врз Русија да ја запре војната во Украина

Њујорк, 19 септември 2023 (МИА) -  Групата седум индустриски најразвиени земји (Г7) ја повика Кина да изврши притисок врз Русија да ја запре војната во Украина, беше соопштено по состанокот на министрите за надворешни работи на Г7, одржан на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

Во соопштението, објавено од Министерството за надворешни работи на Јапонија, кое претседава со Г7, се наведува дека членките се надеваат дека Кина ќе инсистира на итно, целосно и безусловно повлекување на руските трупи од Украина.

Соопштението доаѓа додека директорот на Канцеларијата на Комисијата за надворешни работи на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина и министер за надворешни работи Ванг Ји се во четиридневна посета на Русија, за време на која се очекува двете земји да ги подобрат политичките односи.

Земјите-членки на Г7, исто така, го поздравија учеството на Пекинг на состанокот во Џеда предводен од Украина и „дополнително ја охрабрија Кина да поддржи праведен и траен мир, вклучително и директен дијалог со Украина“, се вели во соопштението.

Во заедничката изјава на Г7 не се наведува ниту една земја, но се посочува дека членките „го повториле својот повик до трети страни да престанат со каква било помош за руската агресивна војна или ќе се соочат со големи трошоци“. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан