• петок, 15 ноември 2024

Грчки дипломатски извори: Билатералната, прекуграничната и регионалната соработка во фокусот на средбата Муцунски- Герапетритис

Грчки дипломатски извори: Билатералната, прекуграничната и регионалната соработка во фокусот на средбата Муцунски- Герапетритис

Атина, 23 септември 2024 (МИА) – Прашањата за билатералната, прекуграничната и регионалната соработка, европската перспектива на нашата земја, како и потребата да се почитуваат меѓународното право и меѓународните договори, како што е Договорот од Преспа, биле темите за кои разговарале министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Грција, Тимчо Муцунски и Јоргос Герапетритис, според грчки дипломатски извори, јави дописничката на МИА од Атина.

За време на разговорите, според истите информации, шефот на грчката дипломатија истакнал дека успешниот тек на европската перспектива на сите земји од Западен Балкан, вклучително и на Северна Македонија, зависат од исполнувањето на обврските што произлегуваат од европското законодавство и меѓународното право, меѓу кои и посветеноста на меѓународните договори, како што е Договорот од Преспа и преку одржувањето на добрососедските односи.

Ова беше прва средба на двајцата шефови на дипломатиите, а се одржа во канцелариите на Постојаната мисија на Грција во ОН, на маргините на Генералното собрание на ОН. ср/нд/

Фото: Икс- Министерство за надворешни работи на Грција

Остани поврзан