• понеделник, 23 декември 2024

Грчките земјоделци во вторник ќе се сретнат со Мицотакис

Грчките земјоделци во вторник  ќе се сретнат со Мицотакис

Атина, 9 февруари 2024 (МИА) – Земјоделците од цела Грција, паралелно со блокадите и протестите, денеска одржуваат состаноци, од кои централниот е во Солун за да ги одредат нивните претставници за средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, која ќе се одржи во вторник напладне, јави дописничката на МИА од Атина. 

Иако портпаролот на грчката Влада вчера најави дека средбата ќе биде в понеделник, директорот на прес-службата на грчкиот премиер Димитрис Циодрас, говорејќи за телевизијата „Скај“ денеска објасни дека сепак е презакажана за вторник со оглед на тоа што Мицотакис ден претходно ќе биде во посета на Белград.

-Премиерот има покажано дека е секогаш отворен за дијалог, очекуваме од страна на земјоделците да ги соопштат десетте претставници кои ќе присуствуваат на средбата, рече Циодрас, истакнувајќи дека „патиштата мора да останат отворени“.

Земјоделците се очекува во текот на денешниот ден да формираат комисија која ќе ги претставува на средбата со Мицотакис.

Паралелно, со несмален интензитет продолжуваат со најавените симболични блокади на патиштата и автопатите низ цела Грција, но и затворање на граничниот премин Ники (Меџитлија) кон Северна Македонија за товарни возила. 

Како што претходно објави МИА, сообраќајот преку граничниот премин од грчка страна се одвива регуларно, а земјоделците во рамките на нивната четиричасовна блокада од 12 до 16 часот по локално време, ја затворија границата само за товарни возила, кои во најголемиот дел се камиони што пренесуваат лигнит. 

Претпладнево блокади беа поставени и на патишта во северна и централна Грција.

За досегашните владини мерки за поддршка, земјоделците велат дека не се во насока што ги задоволува нивните барања, коментираат дека премиерот треба да сфати дека местото на земјоделците е на нивите, а не на улица, и порачуваат дека ако не бидат слушнати и одобрени нашите барања, ќе продолжат со активностите.

Земјоделците бараат мерки за намалување на трошоците за производство, односно земјоделската нафта да биде ослободена од данок, намалување на цената на струјата на седум центи за киловатчас, субвенција за добиточна храна, 100 отсто надомест и оштета за загубениот приход од производите. ср/сд/

Остани поврзан