• петок, 05 декември 2025

Јужна Кореја сака да ја обнови меѓукорејската соработка

Јужна Кореја сака да ја обнови меѓукорејската соработка

Сеул, 15 август 2025 (МИА) - Јужна Кореја ќе се обиде да ја обнови меѓукорејската соработка и има намера да го обнови договорот за прекин на воените активности по должината на границата со Северна Кореја, изјави денеска  претседателот Ли Џе Мјунг.

Зборувајќи на церемонијата по повод 80-годишнината од ослободувањето на Корејскиот Полуостров од јапонската колонијална власт, Ли рече дека Сеул нема да бара обединување со Северна Кореја преку апсорпција, нагласувајќи го почитувањето на политичкиот систем на Пјонгјанг и повикувајќи на обновување на меѓукорејскиот воен договор од 2018 година за намалување на тензиите.

Тој порача дека неговата администрација сака мир, стабилност и денуклеаризација на регионот, „без да ја провоцира Северна Кореја“, објави Јонхап.

-Нема да се стремиме кон никаква форма на обединување преку апсорпција. Немаме намера да се вклучуваме во непријателски дејствија кон Северот, рече Ли на церемонијата одржана во Центарот за сценски уметности Сеџонг.

По тој повод, Ли најави постепени чекори за обновување на воениот пакт од 2018 година, кој беше суспендиран за време на претходната, конзервативна администрација.

Целта, рече тој, е да се спречат случајни конфликти и да се изгради доверба меѓу двете Кореи.

Неговите коментари следат само еден ден откако сестрата на севернокорејскиот лидер, Ким Јо Џонг, ги отфрли помирувачките пораки од администрацијата на Ли, нарекувајќи ги „невозможен сон“.

И покрај ова, Ли изрази надеж за дијалог и враќање на довербата, нагласувајќи дека градењето држава каде што борбата не е неопходна е поважно од добивањето на битката.

Претседателот Ли, кој победи на предвремените избори во јуни, се обиде повторно да се ангажира со Пјонгјанг по период на прекугранични тензии и покажа подготвеност да се врати на дијалогот.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан