• среда, 01 мај 2024

Грлиќ Радман по средбата со Хасани: Албанија заслужува што поскоро членство во ЕУ

Грлиќ Радман по средбата со Хасани: Албанија заслужува што поскоро членство во ЕУ

Тирана, 23 април 2024 (МИА) – Албанија заслужува што поскоро членство во Европска Унија, изјави денеска шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлиќ Радман, по средбата со неговиот албански колега Игли Хасани, кој е во прва официјална посета на оваа земја, јавија албанските медиуми.

- Разговаравме за ситуацијата во Југоисточна Европа и се согласивме дека процесот на проширување нема алтернатива. Се разбира, согласно индивидуалните достигнувања во исполнувањето на дадените услови и критериуми, рече Грлиќ Радман, на заедничката прес-конференција, и го пофали албанското вклучување во областа на реформите.

- Албанија е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија, изјави шефот на хрватската дипломатија, додавајќи дека тоа е „сигнал за нивната стратешка определба за членство во Унијата“.

Грлиќ Радман ја оцени билатералната соработка меѓу двете земји како „одлична“ и потсети дека годинава слават 15 години од членството во НАТО, „што се покажа како исклучително важно за безбедноста, стабилноста и просперитетот на двете земји“.

Албанскиот министер за Европа и надворешни работи Хасани, се заблагодарил на Хрватска за поддршката на албанскиот тим задолжен за членство во Европската унија.

- Хрватска е најдобар показател дека членството во Унијата е профитабилно и дека мора да работиме на тој пат. Вашиот модел е пример и водич за нас да го имплементираме она што го имплементиравте за време на вашите напори за влез во ЕУ. Ќе продолжиме со реформите како утре да станеме дел од ЕУ. Работиме и ќе продолжиме да работиме. Ќе дадеме свој придонес целиот Балкан да биде дел од Европската унија, рекол Хасани.

Како што Хасани објави на Фејсбук, посетата ја почна со срдечна средба со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кому му ја изразив благодарноста на албанската Влада за одличните односи меѓу две земји и континуираната поддршка што Хрватска и ја дава на Албанија кон евроинтеграциите. вт/ми/

Фото: принтскрин/Хасани Фејсбук

Остани поврзан