• четврток, 04 јули 2024

Гостивар и косовска Витина заеднички ќе работат на проект вреден еден милион евра

Гостивар и косовска Витина заеднички ќе работат на проект вреден еден милион евра

Гостивар, 3 јули 2024 (МИА) – Во рамки на проектот „Поврзување на региони“ во општина Гостивар и општина Витина (Косово) ќе се подобрува инфраструктурата и условите за живот на близу сто и триесет илјади жители.

На денешната презентација во Гостивар беше кажано дека крајот на идната година треба да се изградат неколку километри пешачки патеки покрај бреговите на реките Вардар и Морава, пешачки мост, јами за пречистување на отпадни води и унапредување на животната средина.

Вршителот на должноста градоначалник на општина Гостивар, Ваљбон Лимани на презентацијата напомена дека најкрупната инвестиција во Гостивар ќе биде пешачки мост кој ќе се гради близу летниот амфитеатар кој ќе биде приспособен за лица со посебни потреби.

- Оваа инвестиција доаѓа преку проектот „Поврзување региони: зелени мостови-посветла иднина“ кој е финансиран од Европската Унија преку прекуграничната програма ИПА II за Северна Македонија и Косово. Преку него се обезбедува и опрема за рекреација, но подигање на свеста на населението за заштита на животната средина, рече Лимани.

Градоначалникот на општина Витина, Сокол Халити и Медијана Бислими, проект-менаџер појаснија дека во нивната општина со овој проект ќе се изградат: пешачка патека од 1.300 метри покрај реката Морава, поплочување на речното корито во должина од 760 метри, а ќе изградат и пет јами за филтрирање на отпадните води.

Дашмир Османи, проект-менаџер во општина Гостивар посочи дека на мостот ќе биде инсталирана и опрема со софтвер, а дел од средствата ќе се искористат за изработка на физибилити студија и пилот-проект за пречистување на отпадните води во Гостивар.

Проектот кој започна во јануари годинава, треба да заврши во декември следната година. Буџетот за активностите е еден милион евра, од кои речиси 70 отсто се обезбедени од Европската Унија. згм/ев/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан