• петок, 22 ноември 2024

Горниот дом на швајцарскиот Парламент одлучи да не го прекинува финансирањето на УНРВА

Горниот дом на швајцарскиот Парламент одлучи да не го прекинува финансирањето на УНРВА

Женева, 14 декември 2023 (МИА) - Горниот дом на швајцарскиот Парламент денеска ја блокираше иницијативата за прекин на финансирањето на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), откако тоа го побараа некои хуманитарни групи.

Швајцарскиот национален совет, Долниот дом на Федералното собрание, во понеделникот го одобри укинувањето на годишниот придонес од 20 милиони швајцарски франци за УНРВА со 116 гласа „за“ наспроти 78 „против“, пренесоа британските медиуми.

Горниот дом на парламентот денеска, со тесно мнозинство, сепак, одлучи да не го прекинува финансирањето на агенцијата, изјаснувајќи се со 23 гласа „за“ и 21 глас „против“, што веднаш беше поздравено од директорот на УНРВА, Филип Лазарини.

За иницијативата да може да продолжи потребно е да ја одобрат и двата дома на парламентот.

Лазарини денеска, на маргините на Глобалниот форум за бегалци во Женева, изјави дека ова е позитивен развој на настаните за агенцијата.

-Важно е Швајцарија да продолжи да им кажува на Палестинците и на регионот дека останува посветена на својата хуманитарна традиција. Овие 20 милиони се апсолутно неопходни за УНРВА да продолжи да обезбедува спасувачки и хуманитарна помош во Појасот Газа, посочи тој.

Лазарини кажа и дека намалувањето на финансирањето ќе ја загрози способноста на УНРВА да обезбеди помош за жителите на Газа.

УНРВА е основана во 1949 година, по првата арапско-израелска војна, и за сите изминати децении таа на Палестинците им обезбедува различни услуги, вклучувајќи образование, примарна здравствена заштита и хуманитарна помош во Газа, Западниот Брег, Јордан, Сирија и Либан. сд/

Остани поврзан