• вторник, 30 април 2024

Германскиот Парламент усвои предлог-закон со кој луѓето полесно ќе го менуваат името и полот

Германскиот Парламент усвои предлог-закон со кој луѓето полесно ќе го менуваат името и полот

Берлин, 12 април 2024 (МИА) – Германските пратеници денеска изгласаа закон со кој на трансродовите, интерсексуалните и небинарните лица ќе им биде полесно да го сменат името и полот на нивните официјални документи.

„Законот за самоопределување“ е една од неколкуте социјални реформи што ги вети либералната коалициска влада на канцеларот Олаф Шолц и ќе стапи во сила на 1 ноември. Во Долниот дом на Парламентот „за“ нацрт-законот гласаа 374 пратеници, „против“ беа 251 и 11 „воздржани“.

Усвоената законска регулатива ќе им овозможи на возрасните да го менуваат своето име и пол на документите во писарницата без дополнителни формалности. Тие ќе треба да ја известат канцеларијата три месеци пред промената.

Законот, кој моментално е во сила, бара лицата кои сакаат да го променат регистрираниот пол, прво да добијат оценки од двајца експерти „доволно запознаени со конкретните прашања на транссексуалноста“, а потоа судска одлука. Тој закон беше донесен пред околу 40 години, а германскиот Врховен суд оттогаш укина некои од неговите одредби со кои се бараше луѓето да се разведат, стерилизираат и да се подложат на операција за промена на полот.

Новото законодавство се фокусира на правниот идентитет на физичките лица. Не вклучува никакви промени во германските прописи за операциите за промена на полот.

Новите правила ќе им овозможат на малолетниците на возраст од 14 и повеќе години да го променат своето име и законскиот пол со одобрение на нивните родители или старатели. Доколку не се согласат, тинејџерите ќе можат да побараат од семеен суд да ја дозволи промената.

Во случај на деца помлади од 14 години, нивните родители или старатели ќе треба да поднесат барања до надлежните служби во нивно име.

Откако ќе стапи во сила официјалната промена на името и полот, нема да бидат дозволени други промени една година.ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан