• вторник, 14 мај 2024

Даштевски за МИА: Интензивно се подготвуваме за двојните избори на 8 мај, граѓаните ќе можат само еднаш да дојдат на гласање

Даштевски за МИА: Интензивно се подготвуваме за двојните избори на 8 мај, граѓаните ќе можат само еднаш да дојдат на гласање

Скопје, 29 април 2024 (МИА) - Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски во интервју за МИА вели дека интензивно се работи на подготовките за вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори на 8 мај. Даштевски ја објаснува постапката за гласање на изборите имајќи предвид дека за двојните избори гласачите ќе може само еднаш да излезат на гласање. Исто така тој ги повикува гласачите да го искористат своето право на глас на 8 мај достоинствено и без притисоци и да имаме фер, демократски и слободни избори.

-Сега со оглед дека се работи за вториот круг и некои работи веќе се завршени за вториот круг во првиот круг, уште подобро се одвиваат подготовките, дури и за викенд се работеше. Во петокот го утврдивме изгледот на гласачкото ливче кое ќе биде за вториот круг на претседателски избори, а овие другите за парламентарни веќе се печатат, при крај се записниците и другите доверливи материјали, така што веќе сме во добра подготовка, рече Даштевски. 

Вратени се сите уреди за биометриска идентификација, се празнат, а потоа се ставаат податоците за вториот круг од изборите, додава претседателот на ДИК, потенцирајќи дека лицата ангажирани за изборите работеле напорно и за време на викендот за да може навреме се да биде завршено. Даштевски ја нагласува и позитивната оценка што ДИК ја доби од ОБСЕ/ОДИХР.

-Значи, многу работа, меѓутоа се надевам дека бидејќи во првиот круг испадна се’ добро, еве јас малку би рекол тука – мора да се каже дека една од ретките светли точки ако не и единствена во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР е пофалбата за ДИК дека добро ја извршила својата работа, што не беше случај со другите државни органи. Значи, кога ќе се стават вистински луѓе на вистински места може да се заврши добро работата што би требало да биде пракса кај нас, да не биде исклучок, изјави тој. 

Државната изборна комисија донесе упатство со кое им укажува на гласачите дека на 8 мај на гласање ќе може да излезат само еднаш. Даштевски за МИА детално ја објаснува постапката за гласање, потенцирајќи дека на граѓаните треба да им се објасни дека имаат право да гласаат за двата вида избори или само за парламентарни или само за претседателски избори. Тоа, вели, треба добро да се објасни бидејќи за претседателските избори има цензус.

 

- И тоа упатство е дека фактички граѓанинот ќе може да дојде само еднаш и да гласа и за двата избори и кога ќе дојде постапката прво ја дава личната карта да се види дека е тој, потоа оди на биометриска идентификација, потоа го бараат во списокот да го заокружат и му даваат ливчиња. И после оди гласа. Е сега кога ќе дојде и кога ќе го праша овој што е на уредот ќе го праша дали сакате да гласате за едни, односно за првите за претседателските или за парламентарните или сакате да гласате за двата и за претседателските и за парламентарните, бидејќи тоа после нема да можете да го направите. И претпоставувам дека најмногу ќе гласаат за двата, а може да се случи и само за парламентарните бидејќи знаеме дека излезноста и интересот таму е многу поголем. Но не смее да се, мене ме прашуваат луѓе, да се доведе човекот во заблуда бидејќи ако ве прашаат прво дали сте за едните па за другите вие може да кажете па јас сум за парламентарни, значи треба добро да се објасни за да има цензус нели, значи треба добро да се објасни дали сте за претседателски, дали сте за парламентарните и дали сте за двата, за човекот да не помисли дека поважни му се едните од другите туку да знае дека има право да гласа и за двата избори и така да направиме и цензус, вели Даштевски.

Претседателот на највисокото изборно тело во државата вели дека и на 8 мај вечерта, резултатите од изборите би можеле да се знаат до полноќ, имајќи ги предвид промените што ДИК ги направила во изминатиот период, но и искуството од изминатите избори. 

-Ние презедовме мерки на овие избори и тие мерки се состојат во зајакнување на хардверот за да може во исто време да прима повеќе информации, понатаму во обучување на повеќе луѓе на терен. Значи, сега беа обучени некаде околу 1.700 луѓе да внесуваат, обезбедивме за сите тие 1.700 лаптопи во соработка со Државниот завод за статистика, обезбедивме таблоиди наместо компјутери некаде за да одат побрзо податоците и сега тоа е втората работа. Илјада и седумстотини луѓе тоа е скоро на две места по еден, а знаеме дека, нели во школите има и по три-четири (избирачки места), така што тоа беше втора работа. И трета работа, самиот внес го скративме. На пример, 13 имаше важни графи, сега го скративме на седум да се внесат кои се многу битни и тие да се испратат, така што дупло се намалува времето кое би се потрошило за внесување и сега сакаме тоа уште повеќе да го подобриме за вториот круг. Морам да кажам дека со оглед дека се двојни избори не може да биде толку ефикасно, меѓутоа секако дека ќе биде прилично ефикасно и во вториот круг, посочува Даштевски.

Тој потенцира исто така дека за да се забрза изборниот процес во избирачките места во секое време ќе има по седум наместо пет лица, како претходно, а за броењето на резултатите да бидат сите присутни.

-Сите членови се прилично подготвени за извршување на своите обврски. Мислам дека ќе испадне во вториот круг исто како во првиот, вели Даштевски.

Имајќи предвид дека ни претстојат и велигденските празници, а роковите за изборите се поклопуваат со овие денови, претседателот на ДИК вели дека одредени активности ќе бидат завршени порано, за да може изборната администрација и лицата ангажирани во изборите чиј број инесува над 35.000 да можат на овој празник да бидат со семејствата.

-Ние одлучивме заради велигденскиот празник да го помеместиме малку рокот и наместо сабота и недела како што беше минатиот пат да носиме доверлив материјал во петокот и саботата иако и тие се на некој начин празници – Велики петок, Велика сабота, ние одлучивме барем денот Велигден најголемиот христијански празник да им го оставиме на луѓето да се релаксираат за сите, рече Даштевски. Работата, вели тој, повторно како и во првиот круг од изборите ќе биде завршена ефикасно бидејќи тие работат постојано вклучувајќи ги и викендите.

Даштевски очекува смета дека и вториот круг од изборите ќе помине во најдобра атмосфера. 

-Јас повеќе пати сум зборувал дека ние нашето треба да го завршиме бидејќи ние не можеме да знаеме дали на некој ќе му текне нешто да прави или не и како ќе се однесуваат другите учесници во изборите, меѓутоа од она што го видовме моја лична проценка е дека најверојатно ќе помине слично како во првиот круг со тоа што имаме малку подолго, може редови да се створат и тоа ќе се менаџира тоа. Јас реков и на пресот дека делува така дека ние нешто посебно не преземаме, но ние сме во перманентен контакт со нашите координатори наши, раководителите на сектори, со општинските изборни комисии каде што има проблем дури и со избирачките одбори ако има потреба и постои одговорност, постои и дисциплинска и кривична одговорност, рече Даштевски.

Претседателот на ДИК упати порака до гласачите да придонесат за слободни, фер и демократски избори.

- Порака до гласачите да излезат повторно мирно, достоинствено да го дадат својот глас за онаа партија за која одлучиле тие без притисоци, да не трпат, слободно да го дадат својот глас, фер, демократски, слободни избори, така што да покажеме дека сме на високо ниво на свеста и дека знаеме што е демократија и ја применуваме на дело, порача Даштевски. 

За гласањето за претседателските избори во дијаспората, каде имаше мал број пријавени, а гласаа уште помалку, претседателот на ДИК вели дека има свое мислење, но смета дека тоа треба да се реши во согласност на најголемите политички партии и да се реши во органите каде што треба – во Министерството за правда и подоцна во Собранието. 

-Значи, ние сега немаме гласање во дијаспората за парламентарни, а за претседателски имаме на пола ДКП во пола земји и тие се со многу мал број на гласови. Значи, 570-580 во Германија тоа е максимумот, така што 2.400 во цел свет ДКП-еа а од тие пола гласале, што значи дека ефикасноста е нула. На пример, во Пекинг вие праќате 10 души, а 12 се пријавени, од тие 12 мислам девет гласале, така што помалку гласале отколку што има таму присутни. Така што мислам дека треба да се смени тоа не за друго, туку навистина треба да се најде некој метод во кој дијаспората ќе се пријави, ќе гласа и ќе си биде застапена во Парламентот и ќе одлучува за проблемите кои ги има таму, односно овде кога ќе дојдат луѓето. Така што, тоа останува да се види после изборите, бидејќи сега е завршена работа и ќе одат на втор круг претседателски бидејќи за парламентарни нема доволен број и се гласало, рече Даштевски.

Елизабета Велјановска Најдеска

Фото: МИА

Видео и монтажа: Андреј Бранковиќ и Владимир Рабасовиќ

Остани поврзан