• сабота, 21 декември 2024

Герасимовски: Доставена иницијатива до ЗЕЛС за итни законски измени за вандализмот

Герасимовски: Доставена иницијатива до ЗЕЛС за итни законски измени за вандализмот

Скопје, 15 декември 2024 (МИА) - Општина Центар поднесе иницијатива до ЗЕЛС со која бара под итно да се донесат законски измени со цел да се спречи понатамошна ескалација на вандализмот.

Во иницијатива од ЗЕЛС се бара да ја достави иницијативата до сите надлежни институции, Влада, МВР, Министерство за труд и социјална политика, Центрите за социјална работа, Министерство за правда, МОН, Служби за пробација, надлежните судови, НВО за да се формира работна група од која ќе произлезат законски измени за оваа негативна општествена појава.

-Бараме под итно сите надлежни да седнат на иста маса. Мораме заедно да ги разгледаме сите можности за законски и други начини како да се справиме со вандализимот на малолетните лица кои се почесто предизвикуваат инциденти со кои се нарушува безбедноста. Во исто време може да дојде и до поголема трагедија во која овие малолетни лица и можат и самите да се повредат и да настрадаат. Превенцијата е најважна во вакви ситуации, и затоа е потребно сите овие институции да бидат присутни на терен, да се зголеми безбедноста и редовните патроли на полицијата на критичните точки во општината и во градот каде имаме сериозни инциденти, истакнал Герасимовски.

Од Општина Центар потсетуваат дека вчера во населбата Капиштец повторно се случил инцидент во кој учествувале малолетни лица, со неконтролирано однесување, кршење шишиња, фрлање петарди, физички пресметки. Ова, велат од Општина Центар, не е прв ваков настан во населбата.

На средината на ноември, група малолетници обиле багер, а претходно беше обиен и ограбен комуналниот пункт во истиот реон.  

Општина Центар предлага законски измени не само во делот на зголемување на казните за оштетување урбана опрема, туку и воведување општествено одговорна работа каде што би се вклучиле и децата и родителите за да се подигне свеста за оваа појава.

-Наша цел е со воведување на оваа мерка да ги ангажираме родителите да поведат сметка за своите деца и заедно со нив да поработат на нивното однесување и воспитување, бидејки семејство и домот е најважната алка во решавање на овој проблем, додал Герасимовски. сст/цр/


фото МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан