• недела, 19 јануари 2025

Герапетритис – Џуриќ: Грчка поддршка за ЕУ перспективата на Србија

Герапетритис – Џуриќ: Грчка поддршка за ЕУ перспективата на Србија

Атина, 18 декември 2024 (МИА) – Грчката поддршка за ЕУ перспективата на Србија, но и на земјите од Западен Балкан, ја изрази министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис по средбата со неговиот српски колега Марко Џуриќ, кој ѝ се заблагодари на Атина како за поддршката на патот до Унијата, така и за позицијата за територијалниот интегритет на Србија, јави дописничката на МИА од Атина.

Герапетритис по средбата со Џуриќ во грчкото МНР посочи дека со оглед на тоа што денеска во Брисел се одржува Самитот ЕУ – Западен Балкан, „Грција презема јасна позиција“, а „интеграцијата на Србија претставува неопходност од геополитичка природа“.

Додаде дека ова го истакнал и грчкиот премиер во писмото што неодамна го испратил до шефовите на Владите на земјите членки на Европската Унија како и до претседателите на ЕК и ЕС во кое ги повикал „да го прифатат предлогот на Европската комисија за отворањето на кластерот 3, но и од повикувајќи ја Србија да направи уште повеќе за целосно усогласување со европското законодавство“.

- Грција беше онаа која беше во првите редови со агендата од Солун во 2003 година за интеграција на Западен Балкан во Европската Унија, како единствен пат за зајакнување на стабилноста и безбедноста во регионот. Оваа политика ја потврдивме со писмото што го испративме како група „Пријатели на Западен Балкан“ до новата висока претставничка на Европската Унија за надворешни прашања во врска со забрзувањето на процесот на проширување со Западен Балкан, рече Герапетритис.

Паралелно посочи дека за прашањето за Косово грчката позиција „останува стабилна“ и Грција го поддржува дијалогот Белград – Приштина.

Шефот на српската дипломатија му се заблагодари на Герапетритис за „принципиелната поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Србија кога станува збор за Косово и Метохија“.

- Го пренесов нашето цврсто залагање за овие односи да се решаваат преку дијалог што се базира на договорите постигнати во Брисел, но и на почитување на основните стандарди кога станува збор за човековите права и правата на националните заедници кои важат, не само во Европа, туку и во други делови на светот. Поради ова, се радуваме што нашите грчки пријатели наскоро ќе бидат во Советот за Безбедност на ОН, затоа што знаеме дека Грција води принципиелна политика што се базира на почитување на повелбите на ОН и има доследен став кога станува збор за глобалните теми од Блискиот Исток до Украина и други предизвици со кои заеднички се соочуваме. Република Србија од своја страна, сакам да Ве уверам, останува целосно доследна на почитување на територијалниот интегритет и суверенитет на Грција, на комплетните граници, на сите острови, на копно и море, посочи Џуриќ.

Герапетритис и Џуриќ, разговараа и за билатералната економска соработка, како и за инфраструктурата и енергетиката, а потпишаа и Меморандум за соработка меѓу двете Министерства за надворешни работи.

Претходно, шефот на српската дипломатија се сретна и со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, а на средбата разговарале за билатералните односи како и за европската перспектива на Србија.

Од кабинетот на Мицотакис информираа дека грчкиот премиер ја повторил поддршката на Грција за ЕУ перспективата на Белград и во пресрет на вечерашниот самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел и истакнал дека Атина го поддржува отворањето на Кластерот 3 од преговарачките поглавја на Србија. ср/

Фото: МИА

Остани поврзан