• среда, 04 декември 2024

Гаши - Хартелиус: Северна Македонија и во иднина ќе може да смета на шведската поддршка

Гаши - Хартелиус: Северна Македонија и во иднина ќе може да смета на шведската поддршка

Скопје, 3 декември 2024 (МИА) - Во Република Северна Македонија високо се цени силната и отворена поддршка на Шведска за интеграција на државата, како и на регионот на Западен Балкан во Европската Унија, истакнал претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши на средбата со државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Кралството Шведска, Даг Хартелиус.

На средбата, на која присуствувале и пратениците Дафина Стојаноска, Беким Сали и Митко Трајчулески, Гаши нагласил дека стратешки цели на наворешната политика на државата од нејзиното осамостојување се членството во НАТО и во Европската Унија, а по членството во НАТО во 2020 година, врвниот државен приоритет е членството во ЕУ.

Двајцата соговорници, како што соопшти собраниската прес-служба, се согласиле дека геополитичките промени на европскиот континент како резултат на воената агресија од страна на Русија врз Украина само потврдуваат дека политиката на проширување на Европската Унија е најдобрата алатка за стабилност, солидарност и одржливост.

Државниот секретар Хартелиус оценувајќи дека средбите во живо и размената на мислења за важните државни интереси се незаменливи, уверил дека и во иднина Република Северна Македонија ќе може да смета на шведската поддршка.

Во рамки на дводневната официјална посета на Кралството Шведска, делегацијата го посетила и Националниот завод за ревизија на Шведската национална канцеларија за ревизија и остварила средба со заменик - врховниот ревизор Клаудија Гардберг Морнер.

На средбата, претседателот на Собранието и пратениците биле информирани за активностите на Канцеларијата, нивниот мандат, организациската поставеност и годишните извештаи што ги изработува Канцеларијата и ги доставува до Парламентот.

На средбата се разговарало и за меѓународната соработка која оваа Канцеларија ја има со Државниот за ревизија во рамки на повеќе програми, како и за начините за зголемување на видливоста на активностите и значењето на независните ревизорски институции во двете држави. дма/бак/

Фото: Собрание на РСМ

Остани поврзан