Врачени Орденот и признанијата „Свети Никола“ во Соборниот храм „Свети Никола“ во Штип
- Со свечена академија во Соборниот храм „Свети Никола“ почна чествувањето на патрониот празник на градот Штип. Орденот „Свети Никола“ го доби фудбалскиот репрезентативец, Бојан Миовски, а четирите признанија „Свети Никола“ беа доделени на д-р Александар Митевски, специјалист за абдоменална хирургија, комапнијата „КТМ енерџи солушн“, одбојкарите на УГД-Штип и пожарникарите во ТППЕ-Штип.
Штип, 18 декември 2024 (МИА) - Со свечена академија во Соборниот храм „Свети Никола“ почна чествувањето на патрониот празник на градот Штип. Орденот „Свети Никола“ го доби фудбалскиот репрезентативец, Бојан Миовски, а четирите признанија „Свети Никола“ беа доделени на д-р Александар Митевски, специјалист за абдоменална хирургија, комапнијата „КТМ енерџи солушн“, одбојкарите на УГД-Штип и пожарникарите во ТППЕ-Штип.
Абдоминалниот хирург, Митевски рече дека чест и задоволство е да се добие Признанието „Свети Никола“ од родниот град.
-Од овој град потекнуваат многу големи имиња, кои секако со својата работа го воздигнале нашиот град Штип и нашата татковина Република Македонија, вели Митевски.
Христијан Ристевски, одбојкарот на УГД-Штип истакна трудот и успехот на одбојкорскиот клуб со вечерашното Признание се вреднуваат од страна на Општина Штип.
-Ова е поттик, но и обврска ова Признание за да ние продолжиме со истото темпо, да не застанеме тука и нашиот град да го промовираме во најдобро светло, изјави Ристевски.
Командирот на ТППЕ-Штип, Благој Ренџов изјави дека за сите вработени, пожарникари доделувањето на Признание „Свети Никола“ е од големо значење, бидејќи имаат хумана професија.
Kристијан Колев еден од сопствениците на компанијата КТМ истакна дека како компанија работат на обновливи извори на енергија.
-Тоа е една благородна дејност и како резултат на тоа препознавме дека треба да бидеме општествено-одговорна компанија да вратиме на нашето општество. Сферата на образованието ја препознавме во која што треба да вратиме, за нашите деца да останат во нашата држава, да го спречиме иселувањето од државата. Штип да биде град во којшто иселениците ќе се враќат, а не понатаму да продолжи иселувањето. Тоа ќе биде наш мотив и во иднина да продолжиме на ист начин, вели Колев.
Градоначалникот на Општина Штип, Јорданов во својот говор истакна Свети Никола е чувар на божествената вистина.
-Овој чудесен божен светител бил одважен заштитник на правдата помеѓу луѓето, помагал на обесправените и со своето тело пружал утеха, мир и добрина. Делото на Свети Никола треба да го продолжиме преку сите нас, да си помагаме во тешки моменти, да работиме чесно, да бидеме хумани и да не дозволуваме поделби по било која основа, рече Јорданов.
Чествувањето на празникот „Свети Никола“ продолжува утре со Архиерејска литургија, по што ќе има литија од црквата до шеталиштето „Ванчо Прќе“, каде што ќе се благослови и крши празничниот колач. вдј/мч/
Фото: МИА