• среда, 24 април 2024

Во ЈО презентирани приоритетите на проектот „ЕУ поддршка за јакнење на борбата против криумчарење мигранти и трговија со луѓе во Западен Балкан“

Во ЈО презентирани приоритетите на проектот „ЕУ поддршка за јакнење на борбата против криумчарење мигранти и трговија со луѓе во Западен Балкан“

Скопје, 21 март 2024 (МИА) - Приоритетите на проектот „ЕУ поддршка за јакнење на борбата против криумчарење мигранти и трговија со луѓе во Западен Балкан“ беа презентирани на денешната средба на јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски, со претставниците од проектот, предводени од Ерик Винкен, проект - менаџер од холандскиот Центар за меѓународна правна соработка (CILC), соопшти ЈО.

Како што се наведува во соопштението Винкен, заедно со меѓународниот обвинителски советник од Словенија, Аленка Ранзингер Сагмајстер, националниот советник, Зоран Додевски и правниот советник од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), Мила Станковиќ ги презентирале приоритетите на проектот кој функционира со канцеларија во просториите на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Јавното обвинителство е меѓу клучните институции - корисници на проектот кој започна со имплементација во јуни 2023 година, ќе трае 48 месеци и е фокусиран на целосен пристап, кој овозможува јакнење на капацитетите за превенција, заштита, гонење и партнерство при борбата против трговија со луѓе и криумчарење мигранти.

Во рамките на овој проект до сега се реализирани повеќе активности, меѓу кои директна помош при обезбедување докази во конкретни предмети, студиска посета на обвинители од ОЈО ГОКК на Специјалното јавно обвинителство во Словенија и други словенечки институции, како и подготвителни активности за воспоставување соба за сослушување на деца – жртви/сведоци на трговија со луѓе и криумчарење мигранти во ОЈО ГОКК.

Јавниот обвинител Коцевски се заблагодарил за досегашната поддршка од овој проект и изразил уверување дека во следниот период активностите на соработка уште повеќе ќе се интензивираат. ар/ац/

Фото: ЈО

Остани поврзан