• четврток, 24 октомври 2024

Во Штип трибина за болеста чума кај малите преживари

Во Штип трибина за болеста чума кај малите преживари

Штип, 24 октомври 2024 (МИА) - Поделени се флаери со основните симптоми за болеста чума кај малите преживари, а формирана е и високо ризична зона во пограничните места со Грција, информираше на денешната трибина во Штип Симо Костов од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Тој посочи дека  Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка (АХВ) со Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје (ФВМ) денеска од Штип почнуваат со трибини за превенција на болеста чума кај малите преживари, односно овците и козите.

-Сточарите кои се во непосредна близина со границата со Грција ќе бидат посетени од страна на официјалните ветеринари во наредниот период. Се преземаат сите неопходни мерки да не дојде до појава на оваа болест, вели Костов.

Тој посочи дека се преземаат сите превентивни мерки од страна на надлежните институции за да не се прошири оваа болест кај овците и козите во нашата земја, а ја има во соседна Грција и Романија. Костов истакна дека според официјалните податоци кои ги имаат во нашата држава има околу 500.000 мали преживари, а доколку се појави болеста чума кај овците и козите штетите за сточарите и за нашата држава ќе бидат големи, бидејќи една овца има економска вредност од околу 150 евра.

На трибината учествуваа членовите на Локалниот центар за контрола на болести, официјални ветеринари и претставници на институции со кои Агенцијата за храна и ветеринарство соработува во услови на криза. Освен што се презентираше за моменталната состојба со болеста во земјава, соседството, во Европа и во светски рамки, од страна на надлежните беа и посочени и мерките кои се преземаат за спречување на нејзина појава и ширење кај нас, во Европа и во светот, како и состојбата и капацитетноста на лабораториите за испитување на мостри за детектирање на болеста чума кај малите преживари. вдј/сст/

 Фото: МИА 

Остани поврзан