• петок, 22 ноември 2024

Во Штип натпревар во давање на прва помош

Во Штип натпревар во давање на прва помош

Штип, 31 мај 2023 (МИА) - Ученици од основни и средни училишта денеска се натпреваруваа во давање на прва помош, натпревар традиционално организиран од страна на општинската организација „Црвен крст - Штип“. Во ООУ „Ванчо Прке“, шест екипи основци и средношколци се натпреваруваа во три категории и ги покажаа своите вештини научени во изминатиот период за пружање прва помош. Повреда на рака, нога, изгореници, повреди од електрична енергија, беа само дел од повредите, со што се соочија натпреварувачите на терен.

Секретарот на „Црвен крст - Штип“, Деспина Димитровска појасни дека на натпреварот имаше и забавен дел, а сите победници на крајот добија пехари за освоено прво место.

- На општинскиот натпревар по прва помош, учество зедоа шест екипи, три од основните училишта и три од средните училишта. Натпреварот беше во една траекторија со шест работни бази, од кои три беа од областа на првата помош, една од забавен карактер и една дисиминација. За успешна реализација на настанот беа ангажирани судии, двајца шминкери, како и голем број на волонтери, додаде Димитровска.

Таа посочи оти целта на ваквите натпреварувања е младите уште од најмала возраст да научат да даваат прва помош, кога тоа е најпотребно.

Доктор Мери Шорова, која денеска беше една од судиите на натпреварот, изјави дека радува фактот што има млади кои знаат како и кога да пружат прва помош.

- Овој настан е навистина прекрасен, вторпат сум судија на еден ваков натпревар и морам да кажам „Црвениот крст“ навистина прави напори и овие натпревари се дел од нивната иницијатива да се подигне јавната свест за тоа што значи прва помош, колку многу е потребно да знаат уште од најмала возраст да пружат прва помош, истакна Шорова.

Праксата од годините претходно, покажала дека интересот кај младите да бидат дел од тимот на „Црвен крст“ постојано се зголемува, со што тие се едуцираат. вдј/бд/

Фото: МИА

Остани поврзан