Во Туминец, Мала Преспа, се одбележа патронот на манастирот „Света Марина“
- По повод патронот, манастирот „Света Марина“ во село Туминец, Општина Пустец беше претесен да ги прими големиот број верници.

Пустец, 30 јули 2025 (МИА) - По повод патронот, манастирот „Света Марина“ во село Туминец, Општина Пустец беше претесен да ги прими големиот број верници.
Ги имаше од Мала Преспа, поранешни жители и нивните потомци од оваа област, но и Македонци од Корча, Подградец, и други градови во Албанија, како и Ресен, Прилеп и Битола.
По традиција, одбележувањето почна синоќа, со вечерна богослужба, а по вечерата приложена од кумовите на манастирската слава Венко Миле и Љаби Михали, во дворот на манастирот до доцна во ноќта се виеше македонско оро и се пееја македонски песни.
По денешната утринска богослужба, се светеше вода, по што продолжи дружењето на присутните, меѓу нив и иселеници, кои каде и да се, за овој празник се тука во родниот крај.
Организатор на одбележувањето на манастирската слава беше Црковниот одбор, а традиционално по повод денешниот празник посветен на Света великомаченица Марина – Марена – Огнена Марија, честитки упатија, градоначалникот на општина Пустец Пали Колефски, лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција Васил Стерјовски, претседателот на друштвото „Преспа“ и поранешен градоначалник Едмонд Темелко, како и Никола Ѓурѓај, претседател на МД „Илинден“-Тирана, и познатиот активист Панди Јани.
Овој манастирот датира од 18 век, а обновен е во 1926 година. Се наоѓа на самиот брег од Преспанското Езеро, покрај местото наречено Писан Камен, локација која самата по себе му дава дополнителна убавина и привлечност. Во него се наоѓаат поголем дел од моштите на Светицата каде сè уште се случуваат чуда над нејзините мошти.
Инаку, селото Туминец е едно од деветте населени места во Мала Преспа. Се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро во близина на граничниот премин Стење – Горица.
Денеска празникот Света Марена се одбележа и во областа Шпат, која е под јурисдикција на Елбасанска митрополија. Во округот Елбасан живее многубројна македонска и друга православна заедница. вт/
Фото: Црковен одбор/ Стерјовски ФБ