Кумановскиот хирург д-р Иван Аргиров презентираше научен труд на престижниот ESS 27 конгрес во Италија
- Доктор Иван Аргиров од Куманово учествуваше на престижниот меѓународен конгрес на хирурзи кој се одржа во Бари, Италија. На конгресот, организиран од Европското хируршко здружение на кој присуствуваа експерти од хирургија од Европа, кумановскиот лекар се претстави со сопствен научен труд на тема за екстремно ретка патологија, (високостепен невроендокрин карцином на дебелото црево).
Куманово, 13 октомври 2025 (МИА) - Доктор Иван Аргиров од Куманово учествуваше на престижниот меѓународен конгрес на хирурзи кој се одржа во Бари, Италија. На конгресот, организиран од Европското хируршко здружение на кој присуствуваа експерти од хирургија од Европа, кумановскиот лекар се претстави со сопствен научен труд на тема за екстремно ретка патологија, (високостепен невроендокрин карцином на дебелото црево).
-Целта на трудот, High Grade Neuroendocrine Carcinoma of the Colon беше да се прикаже комплексноста на дијагностиката и важноста на мултидисциплинарниот пристап во третманот на овој тип карцином. Станува збор за екстрмно ретка патологија. Реакциите беа многу позитивни, а сесијата беше целосно исполнета, модераторите имаа прашања на кои соодветно одговорив, изјави д-р Аргиров.
Презентацијата ја воделе професори од Европа, меѓу нив и Франческо Прете. Доктор Аргиров, кој инаку е специјализант по општа хирургија и работи во хируршко-ургентниот центар во Куманово, смета дека учеството на ваквите настани се непроценливи за надоградување, бидејќи има директна можност за размена на искуства од врвни доктори од светот.
-Искуството беше навистина значајно и на професионален и на личен план. Италијанците, како домаќини, беа на висина на задачата, и во организацијата и во гостопримството. Свеченото отворање во театарот „Петруцели“, еден од културните симболи на Бари му даде дополнителен сјај на целиот настан, вели д-р Аргиров.
Тој потенцира дека ваквите настани имаат исклучителна важност особено за младите хирурзи и овозможуваат размена на идеи со врвни професори, стекнување нови знаења и воспоставување контакти со колеги од различни земји.

-Тоа е непроценливо за професионален развој и идни научни соработки, објаснува тој.
Аргиров имал можност да се запознае со повеќе истакнати имиња во европската хирургија и веќе е поканет за доедукација во Истанбул.
Во рамките на конгресот, д-р Аргиров учествувал и на практична работилница за минимално инвазивна хирургија, што за него е иднината на хирургија со посебен акцент на лапароскопијата и роботската хирургија.
-Имавме интензивни вежби, а делот посветен на роботиката беше вистински новитет за мене. Исклучително интересно и инспиративно искуство, вели тој.
Во однос на македонското здравство, Аргиров посочи дека постојано се применуваат новитети. Кумановската болница, како што додаде, има нов лапароскоп и можат да се изведуваат операции, од жолчка, слепо црево, желудник, дебело црево …
- Имаме потенцијал тоа да го сработиме, нагласи д-р Аргиров.
Како што посочи, докторите од Куманово, меѓу себе ги објаснуваат новите процедури, и ги пренесуваат стекнатите знаења од учеството на конгресите, обуките.

-Голема чест ми беше што настапив на ваков престижен настан, но уште поголема чест беше што учествував заедно со мојот ментор, доцент д-р Андреј Николовски кој исто така имаше свој научен труд и беше модератор на дел од сесиите. Неговата поддршка и искуство беа од голема важност во целата подготовка за ова учество, заклучи д-р Аргиров. ам/вј/
Фото: МИА и д-р Аргиров