• понеделник, 23 декември 2024

Во тек истраги за можни злоупотреби на правата на пациентите

Во тек истраги за можни злоупотреби на правата на пациентите

Скопје, 18 септември 2023 (МИА) - Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска информира дека во моментов внатрешно водат неколку истраги за можни злоупотреби на правата на пациентите. Ова, како што најави на денешниот брифинг со медиумите, ќе биде редовна пракса и начин на работа. 

Тој образложи дека онаму каде што ќе можат да интервенираат со нивни инспекции и институции, тоа ќе го спроведуваат, а ако има потреба ќе одат директно и во Обвинителство и ќе пријавуваат злоупотреби. Потенцира дека нема да толерира и нема да дозволи злоупотреба на здравствениот систем за, како што рече, „богатење“. Дециден е дека нема да дозволи да страдаат пациентите за личен профит.

Меџити соопшти дека кога ќе соберат точни информации и тој лично ќе оди до Обвинителството и ќе ја достават целата документација за можна злоупотреба, а тоа ќе го докажат, како што вели, органите на прогонот.

-Ние не стоиме со скрстени раце. Од прв ден во Министерството, со Кабинетот водиме истраги во многу установи и со злоупотреба на „Мој термин“. Прво ние пуштивме контролори од „Мој термин“, каде што требаше и целта беше секогаш прво да се советуваме, да ги подобриме, листата на чекање да не биде многу долга. И во одредени моменти, кога сме таму, се подобрува. Кога ќе се тргнеме, таа листа на чекање пак се зголемува, изјави министерот Меџити по денешниот брифинг со новинарите.

Тој нагласи дека секогаш прво е консултација, да укажат, да советуваат, а потоа да постапат. 

Прашан дали е пронајдена можна злоупотреба со „Мој термин“ и кој ја прави, Меџити рече дека кога ќе имаат конкретен одговор, тогаш ќе го соопштат. 

- Во интерес на овие истраги, внатрешни, во Министерството, каде се ангажира целиот Кабинетот, за тоа кога ќе имаме конкретен одговор, да не го оштетиме процесот, тогаш ќе излеземе, нагласи Меџити.

Одговарајќи на новинарско прашање како ќе ги здржат младите лекари и оние со работно искуство во земјава, Меџити потсети на стратегијата која се разгледува веќе шест месеци во МЗ. Се осврна на кадарот, здравствените работници кои со години работат со договори. 

- Ние веќе сме при крај. Владата ме задолжи мене како министер за здравство, министерот за финансии и Фондот за здравствено осигурување да најдеме решение за овие лица што се вработени со договор на дело неколку години. Ние имаме три медицински факултети, во Скопје, во Тетово и во Штип и разгледуваме, правиме една програма. Кога ќе бидат овие студенти при крај, шеста година на медицина, фармација или стоматологија, точно да се знае, по адреса, со успех кој го имаат точно да се знае каде ќе биде нивната работна адреса, во која здравствена установа ќе се вработат, рече министерот за здравство. 

Како Влада, како што рече, најавуваме 2000 вработувања во администрација, што ќе почнат од овој месец и, како што вели, некаде околу 600 за кои ќе се залага за здравство. мд/ев/

Фото: МИА 

 

Остани поврзан