• петок, 22 ноември 2024

Во тек е реализацијата на проектот за конзерваторско-реставраторски работи на Спомен костурницата на паднатите борци од НОВ во Куманово

Во тек е реализацијата на проектот за конзерваторско-реставраторски работи на Спомен костурницата на паднатите борци од НОВ во Куманово

Куманово, 9 октомври 2024 (МИА) – Се заменуваат плочите на дел од платото на Спомен-костурницата на паднатите борци од НОВ во Куманово, информираа од Министерството за култура.

Во изјава за МИА велат дека во наредниот период ќе се заменат целосно сè до реализација на проектот за конзерваторско-реставраторски работи.

– Спомен костурницата е заштитено културно добро и во согласност со Законот за заштита на културното наследство, непосредната заштита и конзервација е во надлежност на НУ Националниот конзерваторски центар-Скопје. Во текот на 2023 година е реализирана првата фаза од проектот што подразбира санација на пристапните скали, отштетните делови од плочниците и останати оштетени сегменти. Во рамките на предвидените активности за 2024 година, во тек е реализацијата на проектот за конзерваторско-реставраторски работи на Спомен костурницата на паднатите борци од НОВ во Куманово. Предвидените активности се реализираат согласно проектираната динамика, сменети се плочите на дел од платото и ќе продолжат се до целосно завршување на проектот, информираа од Министерството за култура за МИА.

Од Општина Куманово велат дека тековно се одржува просторот околу Спомен костурницата, но повикаа на поголема свест кај граѓаните за заштита на Споменикот каде лежат коски од над 300 борци од НОБ, бидејќи, велат, Костурницата е често мета на вандалско однесување на несовесни граѓани кои ја уништуваат урбата опрема.

Благе Јакимовски од Здружението на борците од Куманово, во изјава за МИА посочи дека Здружението е делумно задоволно од одржувањето на спомениците, но истакна дека институциите често пати се препукуваат меѓу себе во врска со одржувањето. 

– Делумно сме задоволни од одржувањето и поддржуваме секакво вложување на спомениците, тие се одличје на минатото на една држава, идните генерации да се сеќаваат на важните датуми. Но, институциите често меѓу себе се прекупуваат за одржувањето, локалната самоуправа е задолжена, задолжено е Министерството за култура, конзерваторски центар од Скопје … Ние како Здружение сакавме да ја наместиме падната плоча на народниот херој Бајрам Шабани, не дозволија, бидејќи ќе се нарушила автентичноста, изјави Благе Јакимовски од извршниот одбор на Здружението на борците од Куманово.

Спомен-костурницата на паднатите борци од НОБ е изградена во 1957 година, ја проектирал архитектот Кочо Зордумис, спомениците ги изработил вајарот Сретен Стојановиќ. Централна положба е скулптура на жена со високо подигнато класје и обелиск и костурници во кои се сместени посмртните останки на загинатите во народноослободителната војна од кумановско. ам/ра

Фото: МИА

 

Остани поврзан