• недела, 22 декември 2024

Во Собранието почна расправата по измените и дополнувањата на Изборниот законик

Во Собранието почна расправата по измените и дополнувањата на Изборниот законик

Скопје, 7 јуни 2023 (МИА) - Собранието попладнево продолжи со работа по 41. седница, на која ја почна расправата по Предлог законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, предложен од пратениците Павле Трајанов, Моника, Зајкова, Димитар Апасиев, Маја Морачанин, Боби Мосјоски, Љупчо Балкоски, Панчо Минов и Борислав Крмов.

Пратеникот на Демократски сојуз и предлагач на измените и дополнувањата на Изборниот закон, Павле Трајанов истакна дека суштинска промена на овие измени да се направи е државата да биде една изборна единица, да остане пропорционалниот модел, да нема изборен праг или изборниот праг да се формира по природен пат зависно од тоа колку гласачи ќе излезат и тие да се поделат на 120 пратенички места. Потенцира дека тие бараат сите политички партии да имаат еднакви  шанси, но за тоа, како што рече, сите треба да имаат исти стартни услови.

Смета дека со овие промени ќе имаме силен и отворен процес на демократизација на државата, затоа што, како што рече, зависно од изборните правила, резултатите од изборите ќе се отсликаат на вкупниот систем во државата и на вкупниот амбиент. Со овие промени, Трајанов истакна дека помалите политички партии и независни пратеници ќе можат да дејствуваат при носење на круцијални одлуки, посебно сврзани со стратешките национални интереси и нема да има компромиси кои ќе бидат на штета на граѓаните и во целина на државата.

-Како партија се залагаме за темелни реформи на изборните правила или создавање услови за  рамноправен политички натпревар. Во оваа насока мислам дека независно што  и натаму опстојуваме на потребата од темелни реформи. Меѓу другото треба да се надминат системските предности на четири условно кажано големи политички партии кои што навистина имаат големи предности пред сите други политички партии, независни листи, кандидати за пратеници и друго. Со овие промени, секој глас ќе има иста тежина. Не може како досега во третата или четвртата изборна единица за да се стане пратеник да бидат потребни 10 илјади гласови, а во шестата изборна единица со шест илјади гласови, рече Трајанов.

Пратеничката на ДОМ и една од предлагачите, Маја Морачанин истакна дека тие поддржуваат прифаќање на сите забелешки од ОБСЕ/ОДИХР и бараат воведување на една изборна единица без праг, отворени листи и зголемување на родовите квоти, односно подеднакво застапеност на жените 50-50 на листите и за парламентарни и локални избори. Морачанин истакна дека овој модел овозможува и поголемо учество на жените во Собранието и се повика на истражување направено од НДИ пред година и пол, во кој се вели дека доколку Северна Македонија за време на локалните избори во 2020 година беше една изборна единица во Собранието ќе имаше осум жени пратенички плус.

-За таа цел сме предлагачи на два предлог-закона за измена на Изборниот законик. Едниот се уште не е отворена дебата по тоа прашање, а еве овој предлог-закон за измена на Изборниот законик за една изборна единица е денеска на разгледување на пленарна седница. Да потенцирам зошто како ДОМ сметаме дека е потребно да се измени изборниот модел од шест во една изборна единица , затоа што тоа ќе значи демократизација на општеството и на тој начин ќе се обезбеди подобра претставеност за различни групи граѓани во македонското општество во Собранието, бидејќи она што го гледаме со овој изборен модел како политички субјект можете да остварите на изборите 30 до 40 илјади гласови, но да не освоите ниту еден мандат во Собранието, што значи дека тие граѓани остануваат непретставени во македонското собрание. Со воведување на една изборна единица ќе се овозможи на челото секој глас да вреди подеднакво и ќе се анулира оваа разлика која сега ја гледаме во различни изборни единици, некаде со шест илјади гласови се станува пратеник на некаде со девет илјади гласови, рече Морачанин.

Пратеникот на Левица и еден од предлагачите Димитар Апасиев обраќајќи им се на шесте пратеници од власта предлагачи на измените и дополнувањата на Изборниот закон рече дека „нивните гласови се клучни и треба да ја уценуваат Владата како што уценува ДУИ“.

-Според анкета од Парламентарниот институт во 2019, 2020 и 2021 година на прашањето дали промена во начинот на кој се избираат пратениците, односно изборниот модел на парламентарни избори може да придонесе за поквалитетен состав, две третини бараат да се воведе една изборна единица. Тоа значи дека волјата на народот не е претставена во овој парламент, затоа што две третини од народот се за една изборна единица. Посочи дека СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, сите се за една изборна единица, ама Артан Груби вика имајќи го предвид сето погоре наведено во мислењето Владата на Република Северна Македонија не дава позитивно мислење на за предложениот текст на Предлог-законот. Џабе веземе кога ДУИ не дава оваа да помине. Домазетот во Владата нема што да каже на ова. Џабе што ние тука зборуваме. Сето ова е фејк дебата. И тука вината ја наоѓам во овие шест пратеници од власта. Колеги, во ситуација кога имате Влада со 65 пратеници поддршка, вашите шест гласа се клучни како што ДУИ да уценува можете и вие да уценувате. Вашата моќ на уценување сами себе ја потценувате. Ќе кажете дека доколку нема една изборна единица во одреден разумен рок, ние си одиме од Влада. Одете, па нека ве запрат, рече Апасиев.

Според пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска Давкова, оваа промена требало да се најде веднаш на дневен ред кога се конституира Парламентот и наброја две причини зошто е  потребно да се расправа за измените на Изборниот законик. Таа нагласи дека точно е дека ако имаме изборен праг од пет проценти, тогаш Северна Македонија и да е една изборна единица тешко дека ќе се реализираат очекувањата помалку одошто кога би имало помал изборен праг или ако нема изборен праг.

-Оваа промена која е на дневен ред требаше да се најде веднаш кога се конституиран Парламентот. Зошто? Затоа што беше една од предизборните ветувања. Ние го слушнавме господинот Заев како им гарантира на помалите коалициски партнери дека ќе посегне по изборна реформа. По него, и претседателот на државата се огласи и рече дека ги поддржува промените. Прво, во Уставот пишува дека пратениците ги претставуваат граѓаните и гласаат по сопствено уверување. Не граѓаните од изборната единица во која се избрани, туку сите граѓани. Второто, секогаш се гарантира еднаквоста на гласот – еден човек, еден глас и во многу држави за жал не и кај нас, можеби во некоја нормална уставна измена и ова ќе го поставиме како прашање, бидејќи уставните судови на многу држави го имаат конечниот збор по изборите, дури и можат да поништат избори затоа што имало нееднаквост на гласовите. Во секоја изборна единица, а кога е цела Македонија една изборна единица тогаш морам да кажам дека науката вели дека репрезентативноста е најдобра и општите интереси се тие што постојат, рече Сиљановска Давкова.

Љупчо Балкоски, пратеник на ВМРО-Народна партија истакна дека неговата партија и во своите програмски цели ја искажува определбата за измена на законот за една изборна единица. Според него, новиот изборен модел би придонел и за поголема самостојност на Собранието во однос на Владата.фф/са/

Фото: МИА Архива и Принскрин

Остани поврзан