• среда, 03 јули 2024

Во Прилеп отворена изложбата „Човек-број“ на Стефан Анчевски

Во Прилеп отворена изложбата „Човек-број“ на Стефан Анчевски
Прилеп, 3 септември 2021 (МИА) - Во ликовната галерија при прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“ денеска е отворена изложбата, насловена „Човек-број“ од уметникот Стефан Анчевски.

Анчевски првпат ќе се претстави пред прилепската публика со девет дела, графики во комбинирана техника.

Уметникот вели дека појдовната точка на уметничкото изразување му е ситуацијата на човекот кога е сведен на бројка при современото живеење.

-Чекањето на шалтер со бројче во рака е најактуелната форма на нумерирање на луѓето во современиот начин на живеење. Принципот на „земи бројче“ можеби, од една страна, го олеснува воспоставувањето ред на чекање на шалтери во речиси сите јавни администрации, банки, оператори, но, од друга страна, она „најстрашното“ - чекањето, не е изоставено. Токму тоа е појдовната точка на овој ликовен проект, кој сосема случајно (во тоа бескрајно чекање) почна да се развива за да го анализира човекот како број, вели Анчевски.

Како што објаснува авторот, изработените графички решенија се со различни постапки и техники добиени по пат на случајност, без контрола врз една од најконтролираните ликовни техники – графиката.

Изложбата на делата на Анчевски е отворена во наредните две недели.  ем/свс/

Остани поврзан