• вторник, 05 ноември 2024

Невремето во Валандово и струмичко предизвика големи штети

Невремето во Валандово и струмичко предизвика големи штети

Струмица/Валандово 2 јули 2024 (МИА) - Невремето што денеска ги зафати струмичко и валандовско предизвика големи штети. Во валандовско силниот ветар проследен со дожд и град искорна и искрши дрвја, однесе повеќе покриви, откорна пластеници на земјоделски насади, урна соларни системи, а паднатите дрвја предизвикаа штети кај повеќе автомобили. Заради падното дрво на регионалниот пат Удово-Марвинци сообраќајот беше во прекин од 17:00 до 18:25 часот.

Според градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, општинските служби, ТППЕ и екипи на ЈП „Комунален сервис“ се на терен по големото невреме кое ја зафати Општината.

- Настанатите штети ќе можат да се пријават од утре во архивата на општина Валандово. Да бидеме внимателни, смирени и солидарни, објави Костадинов на фејсбук.

Во струмичко вечерва околу 18:00 часот ТППЕ Струмица со едно против пожарно возило и тројца пожарникари интервенираше на отстранување на падното дрво на патниот правец Муртино-Банско, на излезот од Банско кај Завод за заштита и рехабилитација на деца и младинци „Бања Банско“.

Од ТППЕ Струмица апелираат до граѓаните, кои се движаат со своите автомобили, на крајно внимателно управување. 

-Доколу ве зафати силно невреме отстранете се од сообраќајот и паркирајте се на првото безбедно место. Апелираме во случај на појава на силно невреме граѓаните да бидат крајно внимателни, односно во случај на појава на силни и чести електрични празнења да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја, стои во апелот на струмичките пожарникари. рт/дма/

Фото: ТППЕ Струмица

Остани поврзан