• петок, 17 мај 2024

Во Прилеп одбележан Меѓународниот ден на Ромите

Во Прилеп одбележан Меѓународниот ден на Ромите

Прилеп, 8 април 2024 (МИА) - Со подигнување на знамето на Ромите пред зградата на прилепската локална самоуправа, денеска во Прилеп почна одбележување на Меѓународниот ден на Ромите - 8 Април. 

Според неофицијалните податоци, во Прилеп живеат околу 5000 Роми кои се носат со предизвиците и потребите на секојдневното живеење. Еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат, а за што локалните власти сметаат дека се работи на подобрување, е инфраструктурата, посебно во населбата Тризла и под Марковите кули.

Алмир Сулејманоски од ромската заедница во Прилеп изјави дека денеска имале средба со прилепскиот градоначалникот за да разговараат за актуелните проблеми.

-Инфраструктурата е најголем проблем, но дел по дел се обидуваме да ги решиме. Ние ги предочуваме, а Општината се обидува да ги реши. Во иднина државата треба, пред сѐ, системски да го решава проблемот со ромската заедница преку повеќе проекти кои треба да се реализираат во ромската заедница, а со тоа би се подобрил квалитетот на животот на Ромите, целосно би се интегрирале во системот и би имале подобра услуга во институциите. Многу е битно државата да има волја и желба да го решава секој проблем, изјави Сулејманоски. 

Во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите, во основното училиште „Добре Јованоски“ беше отворена изложба на ликовни дела од учениците и од нивната наставничка Маја Најдоска, создадени во летната училиница. Откриен е и мурал во училиштето, а во текот на денот ќе се одржи спортски турнир во футсал. ем/хс/

Фото: МИА

Остани поврзан