Во Охрид работилница за подобрување на инфраструктурата за собирање и управување со отпад
- Платформа за размена на знаење и добри практики, како и конкретни чекори за подобрување на инфраструктурата за собирање отпад беа темите презентирани на работилницата одржана денеска во Охрид.
Охрид, 7 мај 2025 (МИА) – Платформа за размена на знаење и добри практики, како и конкретни чекори за подобрување на инфраструктурата за собирање отпад беа темите презентирани на денешната работилница што се одржа во Охрид, организирана во рамки на проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво“ поддржан од Шведска и имплементиран од „SALAR International“.
На собирот посветен на унапредување на регионалниот систем за управување со отпад со посебен фокус на воспоставувањето и функционирањето на собирните центри за селекција на отпад како важен дел од регионалниот систем, учествуваа претставници од пилот-општините и на комуналните претпријатија од Југозападниот и Пелагонискиот регион во земјата (Битола, Прилеп, Новаци, Охрид, Кичево и Пласница), како и експерти за управување со отпад од Шведска и претставници на проектот.
Експертите пред нив го презентираа шведскиот модел на функционирање на собирните центри, вклучувајќи аспекти како проектирање на центрите, логистика, капацитети и ресурси потребни за соодветно функционирање, како и важноста на соработката и комуникацијата со јавноста.
Притоа е посочено дека со воспоставувањето собирни центри за селекција на отпад е ќе се обезбедат подобри услуги за граѓаните, ќе се олесни процесот за одлагање на отпад, а воедно и ќе се исполни законската обврска за еден таков центар на секои 30 илјади жители. Воедно, како што е истакнато, собирните центри ќе обезбедат намалување на нелегалното и неконтролирано расфрлање отпад на нестандардни локации, односно ќе овозможи намалување на количината отпад што завршува на депонија и ќе ги поттикне граѓаните поактивно да се вклучат во негова селекција.

Од страна на учесниците е дефинирана рамка за унапредување на услугите за управување со отпад, вклучувајќи подобро планирање, поефикасно работење и зајакната меѓуопштинска соработка, а сѐ со цел што поскоро спроведување на планираните активности и подобрување на услугите кон граѓаните. Притоа пилот-општините ја потврдија својата посветеност кон спроведување на реформите во областа на управувањето со отпад и испорака на современи и одржливи комунални услуги кон граѓаните.
Што се однесува на регионалниот систем за управување со отпад, посочено дека собирните центри претставуваат клучен инфраструктурен предизвик за државата, со оглед на фактот дека опфаќа повеќе важни елементи како што се затворање на постоечките нестандардни општински депонии, поттикнувањето на селекција на отпадот и секако изградбата на модерни собирни центри за отпад. аб/са/
Фото: САЛАР