• понеделник, 13 мај 2024

Во ООУ„Тодор Јанев“ во Чашка втор месец продолжена настава и зголемен број на часови

Во ООУ„Тодор Јанев“ во Чашка втор месец продолжена настава и зголемен број на часови

Велес, 3 април 2024 (МИА) - Во ООУ „Тодор Јанев“ во Чашка секој работен ден во второто полугодие е со продолжена настава и зголемен број на часови, во просек по осум или девет. Ваквиот начин на работа е воведен на 14 февруари, а се должи на 43 дневниот бојкот на наставата, кој беше поради воведување на паралелка на албански јазик. 

Како што информира за МИА, в.д директорот на училиштето Бојан Ѓорѓиов, целта на продолжената настава е наставната програма да биде предадена до 17 јуни и сите 178 ученици навреме да добијат свидетелства.

Тој потенцира дека ваквата продолжена настава е во согласност со добиените насоки од Министерството за образование и наука.

- Од МОН најпрво не прашаа дали имаме услови за продолжена настава со подолг престој во училиште, а ние им потврдивме дека има, бидејќи имаме само една смена. Од нив добивме насока дека треба да изработиме функционална анализа колку часа им недостасуваат на наставниците да ја завршат школската година со вкупниот број на наставни часови според годишниот план и програма. Тоа ги изработивме и врз основа на тоа изработивме распоред со продолжен престој на учениците во училиште, појасни Ѓорѓиов.

Додава дека во одделенската настава од прво до петто одделение е полесно бидејќи имаат настава од 8 до 13 часот, а имаат слободни и други активности со новата концепција. Воедно и дека со тоа помалите ученици малку порано ќе ги одработат пропуштените часови. Додека во предметната пообемна настава од шесто до деветто одделение секој работен ден ќе имаат по 8-9 часа за да може школската година да заврши како и во останатите училишта до 17 јуни.

Потенцира дека тоа е напорно и за учениците и за вкупно 25 предметни наставниците и одделенски. Информира дека покрај еден голем одмор од 20 минути вовеле и еден помал голем одмор од 10 минути со цел учениците барем малку да се одморат, да потрчаат низ дворот и да појадуваат,а на вториот одмор и да си каснат и ужинка која ја понеле од дома или си ја купиле.

- Дека им е напорно и на учениците и на наставниот кадар тоа му го воочивме и на министерот за образование и наука и на техничкиот премиер кои неодамна беа во посета на нашето училиште. Наставниците и јас како в.д. директор заедно правиме големи напори за доброто на учениците, за навреме да ја завршат учебната година и да земат свидетелства. Посебно е важно за деветоодделенците да завршат навреме за да се запишат во средните училишта, онаму каде што посакуваат и да немаат пречка, потенцира в.д директорот Ѓорѓиов.

Тој оценува дека засега наставата се одвива без никакви пречки и се надева и дека успешно ќе заврши на 17 јуни. ад/ир


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан