Во Куманово акција за собирање на кабаст отпад
- Општина Куманово и ЈП „Чистота и зеленило“ организираат акција за собирање кабаст отпад, информираше градоначалникот на општината, Максим Димитриевски. Акцијата ќе трае пет дена, почнувајќи од утре сè до сабота.
Куманово, 28 април 2025 (МИА) - Општина Куманово и ЈП „Чистота и зеленило“ организираат акција за собирање кабаст отпад, информираше градоначалникот на општината, Максим Димитриевски. Акцијата ќе трае пет дена, почнувајќи од утре сè до сабота.
Граѓаните можат да го остават отпадот на три локации во близина на црквата кај Агино село, на влез од село Черкези и на излез од станицата за технички преглед на пат кон селото Режановце.
Акцијата се организира по насоки на Министерството за животна средина и просторно планирање. Претходно, вакви акции се организираа во март во три населби во градот, „Перо Чичо“, „Карпош“ и „Тоде Мендол“, а се одржаа и во февруари, кога се собираше кабаст отпад на пет локации и тогаш кумановци покажаа значителен интерес за оставање на отпадот на овие локации.

Од комуналното претпријатие ги повикаа граѓаните на Куманово да се приклучат на акцијата и бесплатно да го одложат кабастиот отпад од своите домови во садовите поставени од „Чистота и зеленило“ на трите локации во кумановско.
- Ги повикувам граѓаните да ја искористат оваа можност, бесплатно да го одложат кабастиот отпад на овие локации. На претходните акции имавме одреден, но не и доволен успех. Очекуваме на оваа акција да собереме поголема количина на кабаст отпад, изјави директорот на комуналното претпријатие, Ненад Стојановски.
Несовесни граѓани од Куманово исфрлаат фотелји, кревети, гарнитури на несоодветни локации, од комуналното претпријатие „Чистота и Зеленило“ постојано апелираа до граѓаните да достават барања до нив за да се организираат акции за собирање на кабаст отпад.
Често се случува ваков вид отпад да заврши и во речното корито. Кумановци, граѓански организации реагираат на ваквата појава која ја загадува животната средина и бараат од инспекциските служби соодветни санкции. ам/цр
Фото МИА архива