• петок, 17 мај 2024

Во КИЦ изложба „Повисоко од себеси“ од академскиот сликар Тони Шулајковски

Во КИЦ изложба „Повисоко од себеси“ од академскиот сликар Тони Шулајковски

Скопје, 19 октомври 2023 (МИА) - Во Културно-информативниот центар во Скопје, вечер ќе биде отворена изложбата „Повисоко од себеси“ од академскиот сликар и ликовен педагог Тони Шулајковски во рамки на која ќе бидат поставени 25 портрети на жени.

Шулајковски е роден во 1969 година во Скопје. Дипломирал на факултетот за Ликовни уметности – Скопје, Педагошки оддел насока сликарство во класата на проф. Ана Темкова во 1992 година. Постдипломски студии – насока сликарство завршил на ФЛУ во класата на проф. Родољуб Анастасов во 2002 година. Член е на ДЛУМ од 1993 година.

Од учебна 1996/1997 година до денес работи како ликовен педагог во матичното училиште ООУ „Петар Поп Арсов“, од 2001-2021 и во ООУ „Аврам Писевски“, а од 2021 во ООУ „Војдан Чернодрински“. Од 2005 работи со талентирани деца во приватното ликовно студио „Арс вивенди“ што го основа со Дијана Петкова – проект менаџерка.

Досега реализирал 55 самостојни, а учествувал на стотина групни изложби.

-Најновата изложба на Тони Шулајковски насловена „Повисоко од себеси“, уште преку самиот наслов, суптилно нè воведува или, поточно, нè упатува во комплексен свет во кој насоката на неговото тридецениско спознание на ликовноста константно се движи кон повисоките духовни сфери, напиша Маја Чанкуловска-Михајловска, историчарка на уметноста од Националната галерија „Чифте амам“ во Скопје, во предговорот на каталогот за изложбата.

На изложбата, како што вели, ќе бидат поставени 25 дела-портрети на жени.

-Овие монументални портрети, претставени во крупен план, не ја базираат својата егзистенција само врз синонимот за идеалната восхитувачка женска убавина, туку истите, во сопствената реалност, произлезена од класичните естетски уметнички канони, се воедно сместени во имагинарни метафизички пространства... Всушност, поетичноста и лирскиот набој со кој се обземени ликовите, просторот и севкупно, атмосферата во неговите дела, го позиционира авторот повеќе на прагот на чудесното, посочува Чанкуловска-Михајловска.

Изложбата ќе биде отворена до 5 ноември 2023 година.вј/аа/

Фото: Тони Шулајковски

Остани поврзан