• сабота, 21 декември 2024

Во Кавадарци со саем „Вкусот на традицијата“,  одбележан Меѓународниот ден на руралната жена 

Во Кавадарци со саем „Вкусот на традицијата“,  одбележан Меѓународниот ден на руралната жена 

Кавадарци, 15 октомври 2024 (МИА) - Со саем насловен „Вкусот на традицијата“, во Кавадарци денеска беше одбележан Меѓународниот ден на руралната жена. Настанот беше во организација на Комисијата за еднакви можности при Советот на Општината и Здружението за родова еднаквост „Визија“, во соработка со Винскиот музеј, во чиј двор беа изложени повеќе штандови со производи. 

- Руралните жени се костурот на многу економии, но нивните придонеси често остануваат непризнати. Овој ден ни нуди можност да размислиме за нивната непроценлива работа и да ја подигнеме свеста за уникатните предизвици со кои се соочуваат, од ограничен пристап до образование и здравствена заштита, до влијанието на климатските промени, рече Елизабета Ристова, директор на Музејот.

Во своето обраќање, Марија Камчева, координатор за родова еднаквост при Општината, рече дека овој саем не е само можност да ги презентираме и пробаме локалните деликатеси и ракотворби, туку и платформа за поврзување, размена на искуства и поддршка на нашите вредни производители. 

- Секој производ, било тоа да е домашен специјалитет, мед, колаче, рачно изработен предмет или традиционално јадење, носи со себе приказна и страст на жените кои го обработуваат и создаваат. Денес поттикнуваме и охрабруваме сите да ги поддржиме локалните прозводи, да ја прошириме свеста за важноста на руралните жени и да ја славиме нивната улога во зачувувањето на традицијата и културното наследство, рече Камчева.

Таа истакна дека овој настан е идеална прилика да ги откриеме богатствата на нашата локална култура и да се запознаеме со вредните жени кои работат за зачувување на нашите обичаи. Нивната работа, додаде, не е само економска активност, туку и начин на живот, што ја истакнува важноста на руралната заедница во нашето општество.

Камчева ја нагласи потребата од мерки за зголемување на бројот на регистрираните земјоделки и носителки на земјоделски стопанста преку соодветно вреднување на нивниот труд, законски измени за признавање на нивните права и социјални бенефиции, вклучувајќи родителско отсуство, боледување и пензии, дизајнирање на директни мерки со кои ќе се овозможи вклучување на жените во руралните средини на пазарот на труд и слично. 

Пред присутните се обрати и Благица Коцева Тодорова, претседател на „Визија“. Таа истакна дека денешниот саем е и потсетник за потребата да ја поддржуваме секоја жена, секоја рурална жена, да има пристап до сите ресурси, до знаење и можности за раст и развој.

Претседателот на Комисијата, Александар Мукаетов рече дека производите на жените го носат вкусот и духот на нашето наследство. 

- Давам максимална поддршка и сметам дека вашата поддршка е клучна за одржување на овие вредности и за поттикнување на руралните жени да продолжат со својот труд. Заедно можеме да содадеме свет во кој ќе се цени и почитува трудот на сите жени. Меѓународниот ден на руралната жена е потсетник дека без нив нема иднина. Правата на руралните жени се правата на сите нас. Ние сме тука за да ги поддржуваме. Секој напор на руралната жена е чекор кон еднаквост и одржлив развој, истакна Мукаетов. 

Тој нагласи дека највредната инвестиција е таа во руралните жени, нивната работа носи плодови за целото општество. Притоа додаде дека секое семе што го садат руралните жени  е семе на надеж за идните генерации. свд/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан