• петок, 05 декември 2025

Во Кавадарци презентирани Оперативниот план за вработување и останатите мерки на Министерството за економија и труд

Во Кавадарци презентирани Оперативниот план за вработување и останатите мерки на Министерството за економија и труд

Кавадарци, 10 јуни 2025 (МИА) - Мерките од Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година и останатите мерки предвидени со програмите за работа на Министерството за економија и труд беа презентирани денеска во Кавадарци, во рамки на информативните денови што се организираат во поголем број општини. 

Присутните имаа можност подетално да се информираат за Оперативниот план за вработување и останатите мерки на Министерството за економија и труд. Се работи за мерките и активностите од планот за кој годинава, како што беше кажано, биле издвоени рекордни 40 милиони евра, бил најголем и најобемен досега, а главниот акцент бил на младите. 

Мерките пред присутните ги презентираа заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески заедно со градоначалникот на Општина Кавадарци Митко Јанчев, директорката на Агенцијата за поддршка на претприемништво Даниела Димовска и заменик-директорката на Агенцијата за вработување, Весна Пешова.

- Очекувам огласите и од останатите мерки да се објават во најскоро време и ги повикувам сите заинтересирани да се пријават на истите, рече Ристески. 

Претходно ваков информативен настан се реализираше во Прилеп. 

Објавени се три огласи од Оперативниот план за вработување, наменети за самовработување на лица. Поддршка за самовработување на лица над 29 години, со финансиска поддршка за 610 лица до 430.500 денари (7.000 евра), поддршка за самовработување за млади лица до 29 години со финансиска поддршка за 720 лица до 615.000 денари (10.000 евра), самовработување во партнерство (регистрација како ДОО со 2 лица), со финансиска поддршка од 861.000 денари до 1.230.000 денари за 400 лица вработени во ново-основани правни субјекти, од кои 220 лица до 29 години. За сите кои ќе добијат средства, се предвидени обука за „Претприемништво и развивање на бизнис вештини - Ваучер систем за изработка на бизнис план и поддршка при регистрирање на бизнисите.

Крајниот рок за аплицирање по овие јавни повици е до 20 јуни 2025 година. свд/мд/


Фото:  МИА 

Остани поврзан