• понеделник, 29 април 2024

Во Кавадарци одбележан Ден за добри дела 

Во Кавадарци одбележан Ден за добри дела 

Кавадарци, 14 април 2024 (МИА) - Ден за добри дела беше одбележан попладнево во Кавадарци, во организација на Совет на превентива против малолетничка деликвенција од овој град, СППМД.

Координаторката на волонтерите од Советот Цветанка Камчева појасни дека за прв пат има едно вакво одбележување во државата, во шест градови, меѓу кои и Кавадарци. Младите волонтери од СППМД преку играње шах и развивање на вештини се вклучија во ова одбележување. 

- Мотото под кое го одбележуваме овој ден е „Мисли добро, зборувај добро, прави добро“. Македонија се приклучува на глобалното движење за правење на добри дела! Над 4.300.000 волонтери одбележуваат во над 110 држави во светски рамки, со цел создавање бескрајни бранови на правење добро, нагласи Камчева.

Таа додаде дека Денот на добри дела ги обединува луѓето низ светот за да прават добро, за корист на другите и на целата планета. 

- Од 2007 година, милиони луѓе од илјадници бизниси, непрофитни организации, училишта, семејства и индивидуалци учествуваат во правење добри дела, преку организација и реализација на волонтерски и хуманитарни акции, рече таа. 

Камчева појасни дека Младински културен центар-Битола е една од водечките волонтерски организации во нашата земја што го иницира, координира и организира првиот Ден на добри дела, со различни активности, а кавадаречките волонтери се дел од тие активности. 

- Денот на добри дела ја промовира солидарноста и помагањето на ранливи и маргинализирани групи во општеството преку директно вклучување на волонтерите за правење на добро во своите локални заедници, додаде таа. свд/мд/


Фото: МИА

Остани поврзан