• недела, 22 декември 2024

Во Иран покрената истрага за падот на хеликоптерот на претседателот Раиси

Во Иран покрената истрага за падот на хеликоптерот на претседателот Раиси

Техеран, 21 мај 2024 (МИА) - Началникот на Генералштабот на иранската армија, генерал-мајор Мохамад Багери, назначи делегација за истрага на случајот со хеликоптерската несреќа во која беше иранскиот претседател Ебрахим Раиси.

Истрагата која веќе започна на местото на инцидентот ја води генералот Али Абдолах, а резултатите ќе бидат објавени по нејзино завршување, пренесува ИРНА.

Како што беше претходно објавено, се верува дека причина за падот на хеликоптерот во кој се наоѓаше иранскиот претседател Раиси е технички дефект на леталото.

„Раиси маченички настрада во неделата како последица на хеликоптерска несреќа што се случи поради технички дефект на авионот“, објави иранската државна новинска агенција ИРНА, не прецизирајќи каква е природата на дефектот на хеликоптерот.

Погребните обреди за иранскиот претседател, министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан и другите кои загинаа во хеликоптерската несреќа ќе се одржат денеска во Табриз, главниот град на Источен Азербејџан, во 9:30 часот по локално време.

Телото на Раиси подоцна ќе биде пренесено во Техеран, пред да биде погребано на 23 мај во неговиот роден град Машхад, во североисточниот дел на Иран.

Хеликоптер со иранскиот претседател Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан се урна во неделата во северозападниот дел на Иран, при што загинаа уште шест лица. паг/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан