• среда, 23 октомври 2024

Во делчевската гимназија ,,М.М.Брицо" одржана завршна презентација од Еразмус + проектот за Екомода

Во делчевската гимназија ,,М.М.Брицо

Делчево, 22 октомври 2024 (МИА) - Во мултифункционалната сала во гимназијата ,,Методи Митевски - Брицо"во Делчево, денес се одржа завршната презентација од проектот “Екомода – иновативни техники за производство на облека од еколошки и рециклирани текстилни материјали”. Во рамки на настанот пред своите соученици и врсници, учесниците во проектот презентираа дел од активностите, кои изминатиот период ги реализираа во Р,Бугарија, со цел усовршување на нивните знаења на оваа тема.

-Проектот е дел од ЕРАЗМУС+ клучна акција 1- Мобилност на поединци за целите на учење, поддржана од Националната Агенција за европски образовни програми и мобилности. На обуката од 8 до 21 септември 2024 учествуваа 12 ученици од Текстилно- кожарската струка при Средното општинско училиште “Методи Митевски-Брицо” Делчево. Имавме повеќе активности со ученици и професори кои во рамки на денешниот настан детално беа образложени, истакна координаторот на проектот проф.Даниела Мијалкова.

Учеството со тимот кој престојуваше во Бугарија за ученичката Бојана Милевска е нешто феноменално и пред се многу корисно.

-За прв пат учествувам во овој проект и сум задоволна бидејки ќе научам нешто ново од што ќе имам корист во образовниот процес, истакна Милевска која за прв пат учествува во проектите кои се реализираат преку Еразмус+ програмата.

Учеството во проектот за ученичката Кристина Георгиевска е од огромна корист за продлабочување на нејзините знаења и предност при понатамошниот факултативен или работен ангажман.

-Јас по втор пат сум дел од вакви проекти и сметам дека е неповторливо знаењето со кое се стекнуваме. Сигурна сум дека ќе имаме предност кога ќе се запишеме на факултет или кога ќе аплицираме за работа, додаде Георгиевска.

Во рамки на завршната презентација учесниците во проектот презентираа еден од начините за цртање на текстил, со кој со помош на текстилни маркери ги едуцираат своите врсници како да го зачуваат омиленото парче облека ако е извалкано, скинато или истрошено. Исто така беше презентирана и практична работа со волна, со изработување фигури на снешко и морско коњче. вс/нд/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан