• понеделник, 04 декември 2023

Во Гостивар реконструкција на улици, локални патишта, спортски терени и нов пешачки мост

Во Гостивар реконструкција на улици, локални патишта, спортски терени и нов пешачки мост

Гостивар, 27 септември 2023 (МИА) - Реконструкција на улици, санирање на локални патишта, спортски терени, изградба на канализација и нов пешачки мост преку Вардар што може да го користат лицата со посебни потреби. Ова се вложувања што ги најави градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари и напомна дека реализацијата на дел од овие инфраструктурни проекти е започната, а дел се во процес на подготовка.

Таравари напомена дека во тек се работите на три патни правци кои се подготвуваат за асфалтирање, како што се локалните патишта што ги поврзуваат селата Долна и Горна Бањица и комплетна реконструкција и поставување на канализација помеѓу селата Здуње и Дебреше, која деновие ќе биде ставена во употреба.

- Наскоро треба да почне асфалтирање на улицата која води до северниот излез на градот, поточно од бензинската станица на „Макпетрол“ до хотелот Игнација. Подготвуваме документација и за реконструкција на улицата „Беличица“, рече Таравари.

Во јужниот дел на општината, ќе се работи на локалниот пат со селото Куново, проект што се финансира со пари од Бирото за неразвиени подрачја, а во селото Мало Турчане се уредуваат две улици едната со бехатон плочи, а другата ќе се асфалтира.

Освен на подобрување на патната инфраструктура, локалната самоуправа предвиде и изградба на трите катни гаражи, од кои едната веќе се гради и нови спортски терени.

- Постапката за изградба на тениските терени во близина на градскиот стадион се во завршна фаза и тие наскоро ќе почне да се градат, а катните гаражи ќе обезбедат уште нови двесте паркинг места, појасни Арбен Таравари градоначалник на општина Гостивар.

Меѓу позначајните вложувања е градоначалникот го спомена и проектот чија вредност е околу 25 милиони денари (близу 400 илјади евра), што ќе се финансира од ИПА фондовите.

- Проектот предвидува уредување и создавање на една целина на кејот од десниот брег на Вардар во близина на болницата. Најзначајно е што ќе се изгради пешачки мост за лицата со посебни потреби и ќе ги поврзе двете содржини наменети за рекреација и престој на оваа категорија наши сограѓани, рече Таравари.

Тој најави и зајакнување на финансиската кондиција на општинската каса со поголема контрола на наплатата на данокот на имот и во тек е постапката за негова набавка и инсталирање. На овој начин локалните власти ќе имаат подобар увид и ефикасност во наплатата на даноците. згм/цр

Фото: МИА

Остани поврзан