• четврток, 02 мај 2024

Во Велешката касарна одбележан 15 април - Ден на Командата за обука и доктрини

Во Велешката касарна одбележан 15 април - Ден на Командата за обука и доктрини

Велес,15 април 2024 (МИА) - Со свеченост во велешката касарна „Алексо Демниевски-Бауман“ денеска беше одбележан 15 април, Денот на Командата за обука и доктрини КОД , ден кога на 15 април во 1992 година бил регрутиран првиот војник на македонската армија, велешаневот Панче Јамандиев. На свечената бина на претставниците на КОД празникот им го честита министерката за одбрана Славјанка Петровска, која им вети дека одбранбениот буџет ќе расте и во наредните години со цел соодветно да одговори на сите планови и предизвици.

Таа истакна дека припадниците на Армијата се учат на вистинските принципи и вредности.

-Нашите припадници на Армијата учат како да се соочат со секој предизвик и како да ги одржуват највисоките стандарди на Армијата, чест и почит, и никогаш и во никакви услови  не отстапувајте  од нив. И секој ден додека го пренесувате вашето знаење, професионалност и посветеност преку едукацијата, обуките, вежбите до усовршувањата на нашите тим лидери и професионални војници, запомнете го длабокото влијание на вашата работа. Затоа што вие не сте смо инструктори или стратези, вие сте архитекти на извонредноста, потенцира министерката Петровска.

Додаде дека развојот на армискиот полигон Криволак е најдобриот пример за можностите за обука и во развојот на интероперабилноста со сојузниците. Тоа  е суштината на фокусирањето на заедничката Алијанса која е темел за заштита на нашите вредности  и принципи.

Таа потсети дека во изминатите години припадниците на Армијата заедно со нашите сојузници  воведоа многу нови содржини за извежбување. Воедно и дека  нивната помош и поддршка беше возможна затоа што кај нив препознале подготвеност и создадоа полигон  на кои ги понудија сите можности за обука согласно највисоките стандарди на НАТО.

- Токму така се гради силна сојузничка Армија и  токму така се гради силна и безбедна држава, порача министерката Петровска.

Командантот на Командата за обука и доктрини полковник Васко Коколански на свеченоста истакна дека само во изминатите три години како земја членка на НАТО  во Командата за обука и доктрини КОД, основна обука завршија повеќе од 900 новопримени професионални војници, основна подофицерска обука  завршија повеќе од 360 подофицери, а 250 офицери завршија англиски јазик. Водно на инфраструктурите полигони за обука беа одржани голем број на обуки и домашни и меѓународни вежби.

-КОД кој во основата  на својата мисија ја има обуката на поединецот, претставува многу важен сегмент и нераскинлив дел од целокупната Армија, истакна командантот на КОД, полковник Коколански.

На свеченоста на припадниците на Армијата од КОД  им беа доделени награди и признанија за достигнувања во работата и спортските активности,  како и на долгогодишни  соработници на КОД и Армијата, меѓу нив и на дописникот на МИА од Велес, Антоанела Димитриевска Гајдова.

На свеченоста беа доделени и награди за најуспешни литературни творби на тема Армија, а беше претставена и изложба од ученички цртежи.

Свеченоста заврши со показни вежби на Центарот за обука и дресура на кучиња, кој е во склоп на КОД, како и со презентирање на дел од вооружувањето на центрите  на Армијата, кои се во составот на Командата за обука и доктрини.ад/са/

Фото: МИА

 

Остани поврзан