• петок, 22 ноември 2024

Силјановска Давкова: Состојбата во судството е резултат на тоа што ветигнот остана само реторика

Силјановска Давкова: Состојбата во судството е резултат на тоа што ветигнот остана само реторика

Скопје, 1 мај 2024 (МИА) - Моменталната ситуација во судството е резултат на тоа што ветингот остана само како реторика, и не се спроведе кога можеше да биде спроведен, оцени кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова во вечерашниот дуел на ТВ Телма со нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски, осврнувајќи се на надлежностите кои ги има шефот на државата и состојбата во судството.

- Ветингот и досега можеше да се спроведе како евалуација или ре-евалуација при секој избор, оти генерален ветинг, оној суштинскиот значи распуштање на сите и влегување во еден проблем. Можеше да се посегне по ветинг кога ги предлагаше претседателот Весна Дамева, Миљзим Мустафа итн, стручни соработници, најслабата алка во судскиот совет. Можеше за директорите на Агенцијата за разузнавање, можеше секаде каде што има можност да предлага да го предложеше и овој механизам. Инаку, за сите сум, прво за политичарите, може да има таму и ретроактивно дејство, нема проблем никаков. Мислам дека она што се случува денеска е резултат на тоа што ветигнот беше само реторика и кога можеше да се примени не се применуваше, рече Силјановска Давкова

Пендаровски, пак, кажа дека Судскиот совет и Советот на јавни обвинители во изминатиот период не биле на ниво на задачата. Решението не го гледа во нивно укинување како институции, туку во подобрување на кадарот кој влегува во нив преку ветинг.

- Ние можеме да направиме нов Судски совет и Совет на јавни обвинители, меѓутоа јас мислам дека без претходен длабок, прецизно направен ветинг, со странски експерти, со нивна асистенција и помош. Џабе ќе правиме нови и нови судски совети ако сличен човечки материјал ни влегува во тие судски совети. Нашиот проблем во владеењето на правото не е проблем за еден или двајца кои се погрешно поставени овде или онде, ние имаме проблем со многу повеќе, со неквалитетен човечки материјал, да не кажувам почнувајќи од првичната правна едукација на тие луѓе, начинот како се влегува во судовите и обвинителствата, па се до испорачувањето на правдата, за жал често пати и неправдата. Значи не е само да ги смениме регулативите, туку треба да го смениме начинот како ги селектираме кадрите. Не само најдобрите на факултет, туку и луѓето со интегритет, рече Пендаровски.са/хс/ 

Фото: принтскрин

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан