• среда, 04 декември 2024

Во Велес се одржа трибина „Насилството и жените со попреченост“

Во Велес се одржа трибина „Насилството и жените со попреченост“

Велес, 2 декември 2024 (МИА) - Врз жените и девојките со попреченост постои секаков вид на насилство, но за жал досега нема нити еден пријавен случај во Центарот за социјална работа во Велес од лице кое трпи семејно и друг вид на насилно, потенцира  Дилиборка Златева од Здружението на лица со церебрална парализа и други попреченоста на  денешната трибина на тема „Насилството и жените со попреченост“. Организатор е Европската куќа на млади во Велес со поддршка на шведската финдација „The Kvinna till Kvinna“ или „Жена за жена“, а  во рамките на кампањата 16 дена активизам против  родово базирно насилство.

Таа изјави дека ова  насилство за жал го има, но, како што рече, не допрело до надлежните центри за социјална работа затоа што или е сокриено од семејството или самата жртва не била во можност да го презентира сето тоа.

-Има за такви случаи и сме слушнале и знаеме за такви случаи на насилство врз девојки и жени со попреченост. Како на пример ќе посочам и дека  има вработени жени со попреченост кои трпат мобинг на работно место, дури и се избркани од работа, односно додека нивниот работодавец добива пари-бенифиции од државата  за вработување на лица со попреченост, тие се пожелни на работа, а како ќе престанат бенифициите од државата тие ги отпуштаат од работа. Голем број на девојки со попреченост се и сексуално малтретирани, но мораат да молчат за тоа, а некои за жал и не се во состојба да го раскажат и кажат за  насилството врз нив. Затоа како една од мерките неопходна е постојана доедукација, како да се пристапи до нив за да ја дознаеме вистинската информација за тоа што им се случува, појаснува Златева.

Според неа, се додека се зголемува бројот на лицата со попреченост од вкупната бројка на популација, ќе се зголемуваат и случаите на насилство затоа што тоа оди пропорционално. Ако и останатите жени трпат насилство тогаш, како што рече, и овие жени и девојки трпат насилство и се дел од сето тоа.

На денешната трибина учествуваа девојки и жени со попреченост заедно со нивните семејства, стручни лица од Центарот за социјална работа, заедно со судијката Ангелина Босилкова и психологот проф. д-р Вангелица Гаврилова, а беа донесени и повеќе заклучоци. Судијката Ангелина Босилкова заклучи дека итно треба да се усогласи Кривичниот законик со Законот за спречување и заштита на насилството врз жените и семејното насилство бидејќи помеѓу нив постои разединување.

На трибината беше заклучено да се бара итно донесување на веќе изготвениот закон за родова еднаквост, за спречување на ваквите појави на насилство врз жените и девојките да се одржуваат што  поголем број кампањи за зголемување на свеста  на граѓаните, за обврската да се пријави родовото базираното и семејното насилство, за ова да има и поголемо известување и презентирање и во медиумите. Беше заклучено дека  е потребна континуирана кампања на државно ниво, која ќе биде презентирана и достапна до сите граѓани преку сите медиуми.

Потребна е поголема информираност, континуирано обучување и надградување на знаењата на службениците кои работат во полицијата и Центрите за социјална работа во земјава. Тие треба темелно да ја истражуваат секоја пријава за насилство, без разлика дали доаѓа од жртвата, од  трето лице или е анонимна.

Судијката Босилкова посочи дека овој заклучок од денешната трибина треба да се препрати до директорот на Центарот за социјална работа за тоа дека стручните лицата од нивните центри што работат на случаите на семејно насилство дека треба да работат само на оваа област, а не и во други области, да нема нивно преместување од едно на друго работно место бидејќи тие стекнале и имаат искуство за оваа област како што е семејното насилство. Воедно да се овозможи и дополнителна едукација на овие стручни лица, кои работат со случаи на семејно насилство.

Психологот Гаврилова на денешната трибина како мерки за спречување на насилството врз жените и девојките ги предложи: рана превентивана интервенција (санирање на причините, а не на последиците), итна помош од стручен тим, да се најде онаа која е најсоодветна за видот на проблемот како и за самата личност, од неговите карактерни црти и способности ќе зависи темпото и времетраењето на самата терапија, одржување, јакнење на интегритетот на личноста жртва на насилство, но и стручна помош за насилникот, одржување на емоционална стабилност, како и решавање на емоционални конфликти, намалување на анксиозноста, зголемување и одржување на самодовербата и самопочита и институционална соработка. ад/мд/

 

 

Остани поврзан