• четврток, 26 јуни 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Во Битола се изработува Студија за развој на летен и зимски туризам на Пелистер

Во Битола се изработува Студија за развој на летен и зимски туризам на Пелистер

Битола, 10 април 2025 (МИА) - Јавната установа Национален парк „Пелистер“-Битола со поддршка на експерти од Факултетот за туризам и угостителство-Охрид, почна со изработка на Студија за развој на летен и зимски туризам на Пелистер.

Проектот е поддржан од Општина Битола за што е донесена одлука од Совет на Општина Битола, а во рамки на програмата за туризам, истакна градоначалникот Тони Коњановски.

-Еко туризмот е симбиоза на тоа што го имаме во природата, но и потребата за развој на заедницата, и во таа смисла потенцијалите што ги имаме се огромни, но за жал недоволно искористени. Студијата нуди и овозмува да се согледаат потенцијалите на терен, да се сублимираат европски искуства, а потоа да се изработи сеопфатна студија. Нам ни е потребен развој на туризмот со еко-пристап, развој на заедницата и локален економски развој преку потенцијалите на туризмот и конечно да го добиеме тоа што за регионот го нуди Пелистер, изјави градоначалникот Коњановски.

Со новата Студија почнува процес на ново брендирање на Националниот парк Пелистер, изработка на нова веб страница со целосно воспостаен систем на планински патеки и други содржини, посочи директорот на ЈУ НП „Пелистер“, Иванчо Тошевски.

-Студијата за развој на летниот и зимскиот туризам на Пелистер ја изработува група професори од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид кои предвид ќе ги имаат предлозите на сите засегнати страни. Ние сакаме да се развива мониторингот, заштита и конзервација на видовите во НП Пелистер, носечки ќе биде делот за развој на еко-туризмот како брзоповратна инвестиција, потоа маркација на терен, историски локалитети, дефинирање на природни видиковци, планински патеки и џи-пи-ес маркација на патеките по кои ќе се движат планинари и рекреативци. Во рамки на студијата ќе работиме и на инсталирање на систем на метеоролошки станици за следење на локалната метеоролошка прогноза која е исклучително потребна за лица што ќе се движат низ планината, нагласи Тошевски.

Експертската група ја предови професорот Сашо Коруновски од ФТУ-Охрид, кој на денешната јавна дискусија во Битола предочи дека Студијата подразбира утврдување на вредности кои потоа ќе може да се продаваат на туристите, односно да се користи планината, а не да се искористи. Ние, рече професорот Коруновски, треба да ја чуваме планината за идните генерации и затоа во студијата клучен елемент ќе бидат сите препораки во функција на успешен туризам врамен во општите трендови затоа што за тоа во Битола има голем потенцијал. мт/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан