• петок, 05 декември 2025

Накит од дрво, модна ревија на ракотворби од ,,Стари занаети" во Неготино

Накит од дрво, модна ревија на ракотворби од ,,Стари занаети

Неготино, 25 јуни 2025 (МИА) - Накит од дрво, модна ревија на ракотворби од дрво, изработени од членовите на здружението „Стари занаети" од Неготино, беше реализирана вечерва во неготинскиот Музеј. Пред присутните беше
презентиран рачно изработен дрвен накит, дело од копаничари, инспириран од природата, културата и традицијата. На несекојдневен начин беа одбележани  21 година од постоењето на здружението.

- Имате можност да видите уникатни дела создадени од вешти раце на занаетчии,
претставени на оригинален начин,  преку модна ревија со наши локални матурантки како модели. Посакуваме пријатна вечер, полна со инспирација, убавина и почит кон занаетот, рече Лилјана Василева, член на ова копаничарско здружение и иницијатор за одржување на модната ревија. 

Обетки со мотив на винова лоза, потсетник на лозарската традиција и богатството на природата. На една страна обетки во форма на јаготки изработени со ведрина и внимателност од оревово дрво, кои подаруваат дух на свежина и радост. На друга, солзи од дрво како еден од најемотивните примероци, со длабока симболика – солзите како знак на чистење, чувства, и животна сила, за кои беше кажано дека не се само украс туку тивок говор на срцето, а беа дел од овој интересен настан. Интерес предизвикаа и обетки со име „Шарени срценца“, изработени од рециклирано дрво од скејборд даски, доказ дека креативноста и одржливоста можат да одат рака под рака, како од еден неочекуван материјал може да се создаде уметничко дело со карактер. Уникатни обетки во форма на кокичиња, симбол на надеж, нов почеток, обетки со облик на четирилисна детелина  како симбол на среќа, љубов, надеж и верба.

-Секој детал е изделкан со посветеност и искрена љубов кон занаетот. Ова не е само украс, туку парче културно наследство што носи порака, стил и идентитет. Приказна од дрво и уметност, емоции и занает. Ни ја пренесуваат нежноста и звучноста на природата. Природата е најубавиот накит што можеме да го носиме, со боја, форма и емоција, патување низ уметноста, подвлече  Василева.  свд/ев/

ФОТО: МИА


Фото : МИА 

Остани поврзан