Во Белград собир за поддршка на нападнатиот новинар Цвијиќ
- Коалицијата за слобода на медиумите денеска ги повика граѓаните на Србија на собир пред Филозофскиот факултет во знак на поддршка на новинарот на неделникот „Радар“ Вук Цвијиќ
Белград, 31 мај 2024 (МИА) – Коалицијата за слобода на медиумите денеска ги повика граѓаните на Србија на собир пред Филозофскиот факултет во знак на поддршка на новинарот на неделникот „Радар“ Вук Цвијиќ.
Цвијиќ беше нападнат вчера во центарот на Белград. Тој беше удрен со тупаница во лицето од директор на таблоидот „Српски телеграф“, Милан Лаѓевиќ.
Ве повикуваме да го поддржите Вук Цвијиќ, како и сите новинари кои чесно си ја вршат работата, затоа што сега секој може да го постави прашањето: Кој е следниот? Неопходно е со овој собир да го поддржиме професионалното новинарство и да кажеме дека нема да ги замолчат гласовите на вистината. Овој напад е последица на тоа што постојано укажуваат членовите на Коалицијата, а тоа е колку е важно заканите што ги добиваат новинарите да бидат кривично гонети, бидејќи во спротивно тие ќе прераснат во физичко насилство, се наведува во соопштението.
Од Вишото јавно обвинителство во Белград за агенцијата Бета изјавија дека главниот јавен обвинител Ненад Стефановиќ му наредил на Првото основно јавно обвинителство „да ги утврди сите околности под кои дошло до конфликтот меѓу двајцата новинари“.
„Радар“ вчера објави лекарски наод од Воено-медицинската академија (ВМА), со кој се потврдува дека Цвијиќ се здобил со повреди на лицето. ми/
фото: Икс