• понеделник, 25 ноември 2024

ВМРО-ДПМНЕ одржа трибина „Во Македонија мора да има достоинствено место за лицата со предизвици“ во Македонски Брод

ВМРО-ДПМНЕ одржа трибина „Во Македонија мора да има достоинствено место за лицата со предизвици“ во Македонски Брод

12 ноември 2023 

На денешната трибина Дебати за Македонија - „Во Македонија мора да има достоинствено место за лицата со предизвици“ во Македонски Брод, пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Благица Ласовска посочи дека Мила Царовска законите за инклузија ги замислувала само како проект.

„Инклузијата опфаќа два сегменти образование и труд и социјала. Сакам да објаснам јас како таа политика дојде во Собранието и како стана задолжителна. Двата клучни ресори во Република Македонија тоа се министерството за труд и социјална политика и министерството за образование кое ги водеше лице кое никогаш не работело во институција, лице кое работело цел живот во невладина организација и таа министерствата ги замислуваше како проект, лицата, луѓето, законите ги замислуваше како проект. Многу често пати од говорница ја нарекувам гробар на образованието, но направи хаос и во министерство за труд и социјална политика. Мила Царовска направи таква штета во овие два ресори што ќе ни треба многу голем напор и време за да ги поправиме овие состојби“, рече Ласовска.

Таа додаде дека потребно е веќе после три или четири години да се направи навистина една добра анализа дали треба да се вратат посебните паралелки.

„Не сум слушнала каде во светот постои целосна инклузија и да постои тоа е сигурно нешто што прво и пред се има физички рампи, лифтови, материјални ресурси, капацитети по однос на човечки капацитети, тоа се образовни асистенти, дефектолози, логопеди, негуватели, негувателки, тоа кај нас во Република Македонија го нема. Ќе слушнете на телевизија дека се бараат образовни асистенти зошто? Заради тоа што таа личност замислувајќи го проектот, мислејќи дека тоа е невладина организација „Хера“ па еве проект и настрада образованието, настрада и труд и социјала и сега заради таа грешка што се направи ќе бараме образовни асистенти, нормално е дека во државата нема толку, прво беа задолжени општините во почетокот тоа беа проекти на општините и ги плаќаа по 6,000 денари УНДП, се откажуваа и сега бидејќи во средното образование нема асистенти мака мачат и родителите и наставниците во дел каде одат лицата со попреченост“, вели Ласовска.

Таа истакна дека ова е многу комплицирана тема и прво и пред се стручна тема. Ако не се слушнат стручните лица тогаш ќе се направи проект кој ниту може да се имплементира а  при тоа само ќе се фали на телевизија и на дебати дека направиле инклузија, а не е тоа така.

„Ние само укажувавме на овие предизвици за кои сега зборуваме и за кои сигурно во публиката има наставници и знаат што говорам. Тоа го кажувавме предупредувавме бидејќи знаеме со какви капацитети ние како држава располагаме и прашањето е дали лицето со било каква лесна, умерена или тешка попреченост дали низ редовниот процес на образование ќе може да ги детектира наставниот план и програма онаков каков што е да ги види неговите вештини затоа што лицата имаат вештини, но тие негови вештини може да го открие само стручен кадар кој може да забележи за што тоа лице е способно и каде да го насочи. Ние во нашето образование немаме посебни наставни планови и програми за лицата со попреченост и од тие причини беше нашата сомничавост за успехот на овој проект“, посочи Ласовска.

Таа продолжи и додаде за тоа кога сме веќе кај законот за попреченост, тој закон се нарекува закон за проценка на лицата со попреченост. Ласовска додаде дека многу мал број од граѓаните слушнале дека е донесен ваков закон пред месец дена затоа што од низата на скандали и криминали не може ни да се стигне да кажат што се се’ случило, а овој закон е многу опасен.

„Овој закон се донесе во фабриката ние така ја нарекуваме комисијата, фабрика за печатење, штанцање на „европски“ закони со европско знаменце. Наместо да повторно оди по редовна процедура, да ги прашаат стручните лица, родителите, здруженијата кои се занимаваат со лица со попреченост тие решија на ваков начин да донесат законско решение со кој ќе формираат комисија еден робусен орган во состав на МТСП кој јас и моите колеги кога го гледавме законот и говоревме сфативме дека е ова само за пред кампања, дали ќе ви се верува или не, но тоа е навистина така. Тие не мислат на лицата со посебни потреби туку мислат како нивниот кадар да добие лиценци па дури и да ги уценуваат родителите за дали ќе добијат услуги кои им се потребни. Овој закон ако беа важни лицата со попреченост тогаш ќе почнеше да важи веднаш, сега законот ќе важи 18 месеци откако ќе биде донесен, а е донесен но комисијата и лиценците сега и веднаш. Тоа значи дека само сакаат да го формираат телото и само да ги даваат лиценците значи за пари и партиски вработувања“, децидна е Ласовска.

Таа потенцираше дека самите професионалци во МТСП кои работат веќе со години не беа консултирани и се чудеа.

Тие се согласни со нивното тврдење дека ова е невидено нешто и дека не може да така да си играат со судбините на лицата со попреченост, но за жал кај нас во Република Македонија со оваа власт се е можно па дури и со лицата со попреченост.

„Во нашите разговори со здруженијата и родителите и те како велат дека такви специјализирани училишта се потребни затоа што таму се детектира вештината на лицата со попреченост. Не може наставник кој води да речеме група од 20 ученици физички е невозможно да посвети целосно внимание на тоа лице а да ги запостави останатите 19 ученика, ние тоа мора да го вратиме како нешто што било добра пракса, како нешто што дало резултати, тоа го велат и наставниците и родителите. Зошто она што беше добра пракса нешто што покажуваше резултати, нешто од кое лицата со попреченост излегуваат со одредени вештини и наоѓаа место на пазарот на трудот сега го нема и не може да биде препознаено во системот“, вели Ласовска.

Таа кажа дека важно е да сфатиме дека лицата со попреченост се околу нас, со нас, кај нашите семејства и важно најважно е да не ги разбереме како проект туку како наше секојдневие и системско решавање на проблемот.

„Прво и пред се анализа на досегашното работење на целосната инклузија во образованието и на сите законски решенија што се донесени во нивно време и во време на Јована Тренчевска и оттука да произлезат сите дефекти, а дефекти има многу. Во однос на законодавниот дом важно е законите да се носат по редовна постапка, да бидат вклучени во нивното носење стручни лица затоа што ова е тема стручна во оваа тема мора да учествуваат здруженијата, родителите, психолози, педагози, лекари сите и да на тој начин носиме законски решенија само на тој начин ако носиме законски решенија ќе можеме да дојдеме до решението“, заклучи Ласовска.

За системот на тотална инклузија кој го наметна власта не проверија на терен каква е состојбата, не се прашани тие кои се во праксата, не се консултирале со ниту еден професор од катедрата за специјална едукација и рехабилитација, изјави Катерина Ангелова, магистер по специјална едукација и рехабилитација од областа на специфични тешкотии во учењето, на дебатата во Македонски Брод насловена „Во Македонија мора да има достоинствено место за лицата со предизвици“ во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“.

Едноставно директно го имплементираа во образованието без да извршат подготовка. Нема доволно кадар во редовните училишта, за да бидеме во тотална инклузија треба да се вработи комплетна стручна служба, медицинско лице и негувател. Асистентите се од различни профили и тие не се обучени, имаат кратка обука од 3 до 5 дена. Воопшто не се спремни да им помогнат на учениците за да следат образование по нивна мерка, истакна таа.

Ангелова додаде дека инклузијата како инклузија треба да постои, но треба да се постават граници кои ученици може да се инклузираат во зависност од нивната интелектуална способност.

До лесна интелектуална попреченост и некои други состојби да, но од умерена и тешка на тие ученици им е потребно посебно училиште. Јас сум дефектолог во основно училиште, ние како луѓе хумани ги прифаќаме децата, но тие не често се исполнети, не се стекнуваат со знаења и вештини потребни за животот, проблемот настанува кога доаѓа до предметна настава која е апстрактна за нив, немаат препознавања, изјави Ангелова. 

Ангелова вели дека таквите деца може се да речеме на возраст од 11, но менталната им е на 5-6 години и тука се губи смислата на тоталната инклузија.

Воедно посочи дека наставниот кадар не е обучен, со обуки од 3 саати не може да бидеш спремен на тие деца да можеш соодветно да им пренесеш знаење.

- Жално е што акцентот е ставен само на основното образование, инклузијата претставува грижа од самото детектирање до старост, низ целиот животен процес. Во средни училишта пред се нема дефектолози и не може да им се објасни дека треба да има, а децата се запишуваат. Жално е што се направи овој проблем со тотална инклузија. Јас сум за инклузија, но сега има изгубени деца, експерименти, што ништо нема да се случи понатаму да имаат квалитетен живот за нив, истакна таа.

Ангелова нагласи дека сега меѓународната комисија за функционалност во Македонија се наоѓа само во Скопје, родители закажуваат по 6 месеци и добиваат 4-5 реченици со цели кои треба да се постигнат за две години, вон тие цели ништо не може да се менува, а може детето побрзо да напредува. 

Според неа треба да се почне од почеток, да се вратат посебните училишта во функција да се инклузираат целите семејства затоа што нивниот живот се разликува, да се отворат сервиси кои ќе се на располагање на тие семејства, тим да работи со цело семејства,  системот да се смени.

 

 

-------Кога станува збор за општините и те како истите мака мачат и со простор и со финансии и не можат да се обезбедат ниту велосипедски патеки, камоли да направат некаква отстапка во делот да направат патеки за лицата со инвалидност, односно лица со инвалидски колички да може да се движат самостојно и слободно. Во тој дел мислам дека државата треба да се вклучи малку посериозно и да ги помогне сите општини во Македонија, рече членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Томовски, говорејќи за реалните пречки со кои се соочуваат лицата со предизвици на денешната дебата насловена „Во Македонија мора да има достоинствено место за лицата со предизвици“ која е во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“, која се одржа во Македонски Брод.

Томовски додаде дека и градот Струга од којшто доаѓа како туристичко место мора да има патеки за овие лица, но во оваа насока покрај тоа што државата треба да помогне треба и граѓаните да имаат лична култура и да не се паркираат автомобили на ваквите патеки

„Кога станува збор за Струга, Струга треба и мора да обезбеди такви патеки затоа што е туристичко место, но како што кажав треба малце помош и од самата држава. Кај нас се зборува за инклузивност, помош меѓутоа првенствено треба државата да помогне и второ треба да имаме и лична култура, затоа што на самите патеки коишто ги спомнавме имаме паркирани автомобили, немаме рампи и ред други препреки“, рече Томовски.

За тоа колку медиумите и другите компании ја исполнуваат својата општествена одговорна функција за лицата со попреченост,  Томовски истакна дека медиумите со закон се обврзани и треба да им овозможат на овие лица програми со нарација за лицата со оштетен вид и знаковен јазик за лицата со оштетен слух.

„Медиумите и според закон би требало да ги исполнуваат овие функции, односно конкретно радијата требало да имаат поголеми програми со нарација, опис, радио драми и слични програми, додека телевизиите и дигитализацијата на телевизиите треба да овозможат поддршка и помош за знаковен јазик за лицата со оштетен слух“, истакна Томовски.

Тој исто така додаде дека ВМРО-ДПМНЕ како идна влада има план со кој ќе им излезе во пресрет на лицата со попреченост и Македонија ќе ја направи подостојно место за истите.

„Треба Македонија да ја направиме подостојно и попристојно место за живеење за лицата со попреченост и инвалидитет и истото планираме да го направиме во три чекори. Првиот чекор е преку директна поддршка и помош на лицата со попреченост и инвалидитет и нивните семејства. Вториот чекор е преку директно вработување на лицата со попреченост и инвалидитет и нивните семејства, а третиот и воедно еден од најважните чекори е инклузија на лицата со попреченост во образовниот систем“, подвлече Томовски и додаде:

„Би се осврнал на првиот чекор, односно директна помош и поддршка на лицата со попреченост и инвалидитет. Ние како ВМРО-ДПМНЕ планираме тоа да го направиме преку засилена поддршка и помош на овие лица, преку вработување на истите, нив и на нивните семејства со претходна адаптација на работните места, преку директна социјална помош и поддршка на овие лица и третото преку инфраструктурно доближување кон државните институции. Вториот чекор, односно вработувањето, овие лица мора да бидат на пазарот на трудот и тоа планираме да го направиме преку стимулација на приватните компании коишто ќе вработуваат лица со попреченост и инвалидитет, а воедно врз основ на тоа комплетна адаптација на работните места кои што им следат на овие лица. Третиот чекор е образованието, односно целосна вклученост на овие лица во образованиот процес. Образованието е основно човеково право и како и ние така и овие лица го заслужуваат да го добијат истото. Инклузијата подразбира сериозен пристап, едуциран наставен кадар што е основно и базично за да може да ги обучува овие лица, и материјални средства“.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ 

фото: ВМРО-ДПМНЕ 

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки. 

 

 

 

 

Остани поврзан