• сабота, 13 декември 2025

ВМРО-ДПМНЕ: Обвинувањата на СДС се неосновани, Владата презема мерки за стабилизирање и унапредување на лозарството

ВМРО-ДПМНЕ: Обвинувањата на СДС се неосновани, Владата презема мерки за стабилизирање и унапредување на лозарството

Скопје, 21 август 2025 

Обвинувањата на СДС се неосновани, наместо конструктивни предлози, тие се обидуваат да ја манипулираат јавноста. За разлика од претходната влада предводена од СДС кога лозарите беа запоставени и откупните цени на грозјето беа ниски, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ презеде конкретни мерки за поддршка на винариите и лозарите, се наведува во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ, што МИА ја објавува интегрално.

Владата, преку Министерството за земјоделство, останува посветена на поддршката на целокупниот аграр – како на лозарите, така и на винариите. Мерката за финансиска поддршка од 2 денари по литар вино на не повеќе од 4.000.000 литри вино по корисник, има за цел да се стимулира производството и откупот, што индиректно значи зголемена побарувачка за грозје од домашните лозари.

Мерката со поддршка од 2 денари по литар вино за винариите не е на штета на лозарите, туку дел од поширок механизам за зголемување на откупот и одржување на пазарната стабилност.

Тврдењето дека лозарите се „пуштени низ вода“ е целосно неточно и тенденциозно. Владата и Министерството за земјоделство во изминатиот период преземаа низа чекори за стабилизирање и унапредување на лозарството – сектор кој беше запоставуван со години.

Секоја мерка што ја носи Владата и Министерството е во корист на земјоделците и е насочена кон создавање услови за одржлив развој кој ќе обезбеди достоинствен живот на сите оние кои работат во земјоделскиот сектор.

 
 
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

 

Остани поврзан